ФИЛИПЧЕ СИ ПРАВИ ЛОША РЕКЛАМА, МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО Е СЛОБОДНО Како бумеранг ќе му се врати критиката што ја изрече во Грција, му порача Мицкоски
Можеби треба да го прашате Филипче врз основа на кои критериуми тој носи заклучок дека Македонија е авторитарна држава. Јас не мислам дека тоа е така, поголема слобода во општеството не постоела, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека ја слушнал изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче дадена во Атина, Грција, во која вели дека Македонија е авторитарна држава со десничарка влада која не сака да ја турка земјата кон ЕУ и изрази жалење што лидерот на опозицијата има такво чувство.
– Јас, пак, напротив, мислам дека поголема слобода во општество, во оваа една година, која што е и во медиумите, не постоела. Можеби треба да го прашате врз основа на кои критериуми, кои параметри, тој носи ваков заклучок. Јас не мислам дека тоа е така. Ако ги гледате извештаите од реномираните меѓународни институции, дури и од Репортери без граници, ќе видите дека во рамките на слободата ние напредуваме. Ние назадуваме во рамките на рефлектирањето на лажни вести и во обидот да се спинуваат одредени вистини – изјави Мицкоски.
Премиерот му порача Филипче дека ваквите изјави не само што се лоша пи-ар политика за него, туку се сосема погрешни.
– Можам само да го советувам дека која било политичка изјава, без разлика каква е, што доаѓа од некридибилна личност, посебно тоа што го рефлектира, граѓаните не го чувствуваат. Тогаш тоа му се враќа како бумеранг и не само што нема добар политички пи-ар за него, туку напротив, сосема погрешно – рече Мицкоски.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вчера на конференција во Грција кажа дека Пресанскиот договор решил голем проблем помеѓу Македонија и Грција и ѝ овозможил на Македонија да стане земја членка на НАТО, но, за жал, не сме успеале да станеме дел и од ЕУ.
– Но, сега со земјата владее десничарска влада која не сака да ја турка земјата напред во евроинтегративниот процес. Тоа е како вакцина која ја примивме со НАТО, но, ете сега, не ја примивме втората доза – рече Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека по стапките на Зоран Заев, Венко Филипче од сред Грција ја кодоши и ја напаѓа Македонија.