Филипче: Секој што дава лажни податоци ќе биде сместен во државен карантин на негова сметка
Тој истакна дека Владата донела уредба со која се предвидува државен карантин од 14 дена за сите оние кои ќе им дадат лажни податоци на лекарите,
Сè уште има прекршување на мерките за самоизолација, како и мерките за групирање, па затоа засилени се контролите согласно координативните состаноци, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Тој истакна дека Владата донела уредба со која се предвидува државен карантин од 14 дена за сите оние кои ќе им дадат лажни податоци на лекарите,
– Секој што не ја почитува мерката самоизолација, или, пак, им дава лажни податоци на епидемиолозите, ќе биде ставен во државен карантин од 14 дена. Трошоците ќе си ги надомести самото лице – рече Филипче.
Тој истакна дека овој бран трае, иако две од четирите жаришта полека спласнуваат.
– Сега сме сконцентрирани на сузбивање на преносот на заразата во Скопје. Препораките остануваат исти и барам апсолутно да се почитуваат. Пред нас е долга битка и ние треба да научиме да живееме со вирусот. Мора да научиме да ги почитуваме мерките, да носиме маски, да одржуваме дистанца, да се миеме често и да се дезинфицираме. Мора да се почитуваат и здравствените работници, да се кажуваат точни информации, бидејќи само така ќе знаеме со што си имаме работа. За жал, имаме неколку случаи кога поради неточни податоци повеќе здравствени работници се ставени во изолација. Мора институциите да се почитуваат и сите овие препораки да се имплементираат без исклучок. Животот продолжува, не можеме да останеме затворени – рече Филипче.
Тој истакна дека во земјава биле направени 971 тестови, а во изминатото деноноќие биле регистрирани 18 оздравени пациенти. Како што рече, петмина пациенти починале, тројца од Скопје, еден од Гостивар и еден од Прилеп.
Министерот, исто така, потврди дека на семејни прослави во Охрид и во Скопје се инфицирале повеќе луѓе.
– Во Охрид, на семејна прослава со околу 200 присутни, потврдени се 8 позитивни, а 40 контакти се ставени во изолација. На свадба во Скопје, пак, на која присуствувале околу 100 луѓе, има 14 позитивни. За жал, проблем на епидемиолозите е несоработката со тие луѓе. Во штипските конфекции потврдени се 126 позитивни случаи, 24 се хоспитализирани, а останатите се на домашно лекување. Состојбата во Штип и во Тетовско полека се смирува, но останува Скопје, особено населбата Чаир, каде што има најмногу заразени, а епидемиолозите имаат проблем со обезбедување контакти и вистинити податоци – истакна Филипче.