ФИЛИПЧЕ СЕ САМОИЗОЛИРА, ЛИДЕРИТЕ ЌЕ ОДЛУЧУВААТ ЗА КЛУЧНИ ПРАШАЊА Мицкоски бара поддршка за укинување на техничката влада и за реформите во правосудството
Се очекува на лидерската средба да се дискутира и за законите за кои е потребно бадентерово мнозинство кои се заглавени во Собранието затоа што ДУИ не ги поддржува, особено за измените на Законот за прекршоците.
Премиерот Христијан Мицкоски утре во Клубот на пратениците ќе одржи лидерска средба со претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието, на која ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада. Освен за овие теми, како што најави премиерот, може да се разговара и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
Од коалициските партнери во Владата на средбата се очекуваат претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, а од албанскиот партнер Вреди, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами и координаторот на пратеничката група Беким Ќоку.
Од трите опозициски пратенички групи, засега има потврда за учество само од Левица и се очекува оваа партија да ја претставува нејзиниот претседател Димитар Апасиев.
ДУИ денеска попладне на седница на Генералниот совет на партијата ќе донесе одлука дали нејзиниот лидер Али Ахмети ќе дојде на состанокот. Вчера партијата одржа седница на Претседателството на Генералниот совет, свикана од Ахмети, на која се дискутирало за актуелните политички теми и за прашања за внатрепартиската организација.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, пак, веднаш по најавата од Мицкоски одби да учествува и дури ги повика и останатите опозициски партии да не учествуваат.
Филипче, кој претходно бараше лидерска средба за клучни теми и предлагаше да се укине техничката влада, ја одби поканата од Мицкоски со образложение дека немал намера да седи „со криминалци на маса“. За техничката влада рече дека немало да дозволи таа да се укине, затоа што била гарант за фер избори, како и дека ќе овозможи да нема злоупотреби на системот „Сејф сити“ за следење на опозицијата во предизборните периоди. За реформската агенда, пак, рече дека дискусијата за законите ќе се води во парламентот каде што СДСМ ќе ги поддржи сите. Додаде и дека ако сепак се укине техничката влада, СДСМ во секој случај ќе учествува на парламентарни избори.
Од Владата велат дека добиле известување од СДСМ дека нема да учествува на состанокот.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, вчера на прес-конференција во Собранието рече дека сега е моментот да се влезе во конструктивен дијалог за клучните прашања. Додаде дека како партија една и пол година се обидуваат да влезат во комуникација со владиното мнозинство преку предлагање закони и барање консензус за клучни државни прашања.
– Сметаме дека сега е време да влеземе во конструктивен дијалог, за да можеме да го обремениме овој процес со позитивни насоки, затоа што за нас најважно е да се создаде демократска атмосфера за време на избори и нашите барања ќе бидат во таа насока – рече Мециновиќ.
Левица најави дека прифаќа да се укине техничката влада, но, само ако се воведе една изборна единица и се обезбеди еднаков пристап до медиумското претставување во предизборниот период за сите политички субјекти.
Премиерот Мицкоски неодамна рече дека од лидерите очекува консензус за клучните прашања за државата.
– Да разговараме за изборот на народен правобранител. Да покажеме зрелост дека како политичари и како држава разговараме отворено на сите тие теми во врска со нашата цел, ЕУ, и за законите што треба да се донесат. Ајде да седнеме и да разговараме. Јас не би сакал да влегувам во укинување на техничката влада без консензус, затоа што тоа е политички некултурно, а ваков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени – повика премиерот Мицкоски.
Откако Филипче го одби премиерот Мицкоски рече дека мислел дека ќе се покаже зрелост и широчина.
– Тема на лидерската средба е само Законот за влада. Ако ние се однесуваме неодговорно како што се однесува тој, нам не ни е потребна лидерска средба, ние со 61 глас може да ја избришеме техничката влада, не ни е потребно мислењето на опозицијата. Но, сакавме процесот да биде инклузивен. Сакавме да поразговараме и за Изборниот законик, Законот за Јавното обвинителство, Законот за јавнообвинителска и судска служба, Законот за Советот на јавни обвинители – рече Мицкоски.
Се очекува на лидерската средба да се дискутира и за законите за кои е потребно бадентерово мнозинство кои се заглавени во Собранието затоа што ДУИ не ги поддржува, особено за измените на Законот за прекршоците, од кои зависи дали од 1 февруари ќе профункционира казнувањето преку СМС и мејл на возачите чии прекршоци се регистрирани од камерите на „Сејф сити“.