ФИЛИПЧЕ ПРИЗНА ДЕКА ЌЕ ГИ ИЗГУБИ ИЗБОРИТЕ Коалицијата на Венко, Али и на Димче е за пари, а на ВМРО-ДПМНЕ е за работа, порача Мицкоски

СДСМ секогаш кога доаѓала на власт тоа било со некоја интрига и некоја подземна шема, а на овие избори народот одлучува и никој друг, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски.

76

На овие избори народот одлучува и никој друг. На Македонија ѝ треба коалиција за работа и за иднина, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Ресен.

Македонија е уморна од сојузите кои се на грбот на напатениот народ, додаде тој.






– Македонија е уморна од едни исти политичари кои ја загрозуваат нејзината иднина, уморна е од сојузите кои се на грбот на напатениот народ, уморна е од интригите на Венко, Али и на Димче. Тоа е коалиција за пари. На Македонија ѝ треба коалиција за работа и иднина и тоа е јасно, како бел ден е јасно. На овие избори, од едната страна е коалицијата на СДСМ, ДУИ и на Левица, коалицијата на Венко, Али и на Димче, коалиција за пари, а од другата страна е победничкаата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, коалиција на работа, на просперитет, на иднина – посочи Мицкоски.

На народниот митинг во Ресен, премиерот Мицкоски потсети на реализираното и ветеното во иминатите 15 месеци од кое полза, како што рече, имаат просветните работници, студентите, здравствените работници, земјоделците. Инвестиции од 500 милиони евра за македонските општини, исплатени плати и друга помош, рече тој.

– Нашата борба не беше само во Македонија. Ние знаевме дека наследивме ограбена и понижена држава со начнат идентитет, со начната гордост на македонскиот народ. Затоа бевме свесни дека треба да победуваме и надвор, во Лондон, Брисел, Берлин, Вашингтон… Достоинствено ја браневме честа на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија. Се боревме и ќе продолжиме да се бориме за Македонците насекаде во светот и додека е оваа Влада треба да сте сигурни дека Македонија е во вистински раце – истакна Мицкоски.

Тој посебно за поддршка ги повика неопределените гласачи и сите заедно со членовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата уште во првиот круг на Јован Тозиевски повторно да го изгасаат за градоначалник.

– Ова не се избори само за улицата, патчето, туку и за тоа каква порака ќе испратиме до оние кои се наши конкуренти. А кај нив нема апсолутно ништо ново. Заглавени се со тендерите, со желбата, не преку програма, туку ако може со некоја интрига да дојдат до фотелја, до власт – рече тој.

Мицкоски укажа дека „СДСМ секогаш кога доаѓала на власт тоа било со некоја интрига и некоја подземна шема“.

– Денес сакаат пак така да го излажат народот, ако може некако да се доберат до парче власт. А најсмешен е нивниот лидер кога така лаконски и лесно ќе каже еве ВМРО-ДПМНЕ од последните избори загубило 100.000 гласа. А веднаш потоа кога ќе го прашаат, добро дали ќе се повлечете ако загубите на локалните избори, одговорот претпоставувате му е дека нема да се повлече – кажа Мицкоски.

Со ова Венко признава дека ќе ги загуби изборите, рече Мицкоски.

– Таму борбата не е да победат, туку Филипче да ја задржи фотелјата во СДСМ. Нека не се препелка, затоа што народот одлучува никој друг – рече Мицкоски.

Кандидатот за градоначалник Јован Тозиевски посочи дека се реализирани 170 проекти во сите области спрема потребите на граѓаните на Ресен и Преспа и даде краток осврт на тоа што е сработено изминативе 4 години и кои се клучните проекти кои ќе се реализираат понатаму, во периодот што следи.

– Асфалтиравме околу 23 километри локални и селски патишта, на 50 локации низ Преспа, Во однос на социјалната заштита: воведовме еднократна помош за новородено дете, првачиња и средношколци во нашата општина, и дадовме еднократна помош на лица од социјално-загрозени семејства. Во следниот период од 4 години, за економски силна општина, урбанистичко планирање за градот и дел од селата, како и урбанистички планови за туристичките и викенд населбите Претор, Стење, Отешево и Царина, поддршка на овоштарството и земјоделието преку современи агротехнички практики и иновативни решенија, поддршка на малите и семејни бизниси за нови вработувања и развој на локалната економија – рече Тозиевски.

Кандидатот за градоначалник на општина Ресен, Тозиевски ги истакна приоритетните проекти кои ќе бидат реализирани во наредните 4 години.

– Како приоритетни проекти на општината би ги издвоил: реконструкција на градскиот плоштад, обнова и реконструкција на скијачкиот центар Галичица, изградба на обиколница околу Ресен, изградба на катна гаража, изградба на канализациони и водоводни мрежи во населените места каде тоа не беше направено досега. Во однос на водоводната инфраструктура ќе биде изграден нов цевковод од изворот во село Крушје до градскиот резервоар, реконструкција и модернизација на училиштата, дигитализација на повеќе јавни услуги, туризам и културно наследство, ќе вложуваме и во локалниот туризам, изработка на физибилити студија со соработка на домашни и странски експерти за заштита на Преспанското Езеро кон долгорочно управување со овој уникатен екосистем – рече Тозиевски.

 

 

 

Поврзани содржини