Филипче: Преку Фондот ќе се прават тестови во приватните лаборатории
Ако утврдиме дека тоа значајно ќе го олесни пристапот на граѓаните, тогаш ќе се дозволи по референтната цена на Фондот да се користат ресурите на приватните лаборатории. До крајот на неделата ќе донесеме одлука – рече Филипче.
Комисијата за заразни болести ја разгледува одлуката граѓаните да можат да се тестираат за ковид-19 во приватните лаборатории, а на сметка на Фондот за здравствено осигурување. Но, како што рече министерот за здравство Венко Филипче, првично ќе се зголеми бројот на тестови во државните лаборатории, за дополнително 350 тестови дневно, ангажирани се поголем број лаборанти, па така, според него, ќе се забрзала и процедурата за тестирање.
– Ја разгледувавме и опцијата да се прават тестови преку Фондот во приватните лаборатории. Мислам дека прашањето ќе го заокружиме до крајот на неделата. Ако утврдиме дека тоа значајно ќе го олесни пристапот на граѓаните, тогаш ќе се дозволи по референтната цена на Фондот да се користат ресурите на приватните лаборатории. До крајот на неделата ќе донесеме одлука – рече Филипче.
Во текот на неделата, најверојатно ќе бидат достапни и брзите рапид-тестови, каде што резултатот би бил готов за петнаесетина минути.
Од утре, соопшти министерот за здравство, ќе се прават дополнителни 150 тестови во Институтот за јавно здравје, дополнителни 100 теста во Центарот за јавно здравје и 100 уште во лабораторијата во Козле.