Филипче: Повредениот д-р Јота има нагмечување на мозокот и е на респиратор

Лекарската комора на Македонија го осуди вчерашниот инцидент во кој со тешки повреди се здоби д-р Ѓорѓи Јота, хирург и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, кој беше прегазен од возило на булеварот Водњанска додека го напуштал работното место. 

18,898

Професор д-р Ѓорѓи Јота, специјалист по дигестивна хирургија е хоспитализиран на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување и е критична состојба откако во него вчера удри возило упоравувано од малолетник.

– Доктор Јота има тешка повреда на главата, нагмечување на мозокот и на белите дробови и е поставен на респираторна машина. Се преземаат сите мерки за негово лекување – рече министерот за здравство Венко Филипче на новинарско прашање за состојбата на докторот.






Од МВР соопштија дека вчера бил удрен пешак, кој поради сериозноста на повредите е префрлен на скопските клиники.

– На 25.02.2021 во 20.30 часот било пријавено дека на крстосницата од булеварот Мајка Тереза и улицата Елисие Поповски-Марко патничко моторно возило БМВ Х6 со скопски регистарски ознаки управувано од 16-годишник удрило во Ѓ.Ј. (58) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје – е наведено во билтенот на МВР.

Лекарската комора на Македонија го осуди вчерашниот инцидент во кој со тешки повреди се здоби д-р Ѓорѓи Јота, кој беше прегазен од возило на булеварот Водњанска откако го напуштил работното место.

„Особено сме згрозени од фактот што сторителот без да пружи и повика помош го напуштил местото на настанот оставајќи го повредениот во тешка, животозагрозувачка состојба. Ценејќи ја сериозноста на овој случај упатуваме јавно барање до судско-обвинителскиот систем навремено, сериозно и одговорно да пристапат кон решавање на овој случај, а сторителот да биде најостро санкциониран. Искрено и силно се надеваме за позитивен исход од лекувањето на нашиот колега, кој е исклучителен професионалец и кој со години дава огромен и значаен придонес за развој на професијата, едукација на млади лекари и спасување на човечки животи“, се наведува во реакцијата на Лекарската комора.

Поврзани содржини