Филипче потврди: Комбинацијата хидроксихлороквин-азитромицин дава резултати, од Јапонија е побаран и лекот „авиган“
Комбинацијата од антималаричниот лек хидроксихлороквин и антибиотикот азитромицин, кај нас познат како „сумамед“, дава резултати, потврди министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес-конференција (13 април). Тој додаде дека дел од пациентите кои биле на ваков третман веќе се излекувани.
Ова е прва директна потврда дека оваа комбинација на лекови и во Македонија дава добри резултати, иако министерот не соопштува други детаљи за лекувањето, вклучувајќи го и бројот на пациентите кои се лекуваат со оваа терапија, за која во светот има контроверзи, поради њузпојавите што се јавуваат претежно кај срцево болните.
Сепак, сѐ повеќе искуства во светот (Франција, САД, Австралија и други земји) потврдуваат дека оваа комбинација од лекови дава резултати. Не случајно прво Бугарија, а потоа и Србија, најавија дека брзо ќе почнат со производство на ходроксихлороквин.
За Македонија е позначајно дека и фармацевтската компанија „Санофи“, која го произведува лекот под комерцијалното име „плакенвил“ (порано присутен и кај нас во една веледрогерија), вети дека ќе донира 100 милиони дози во 50 држави низ целиот свет, за да помогне во лекувањето на ковид-19, а доколку истражувањето потврди дека тоа е ефикасно и безбедно, тие имаат намера да им го донираат лекот на сите заинтересирани. Патем речено, овој лек го произведува и германскиот фармацевтски гигант „Бајер“ под комерцијалното име „резохин“. Кој точно лек во моментов се користи во Македонија не е прецизирано.
Уште поважно е што министерот Филипче денеска (13 април) соопшти дека преку амбасадата на Јапонија, е побаран антивирусен лекот што таа земја го дава како донација во повеќе земји во светот. Иако Филипче не го соопшти името, познато е дека станува збор за лекот со генеричко име фавипиравир, попознат под комерцијалното име „авиган“. Лекот го произведува компанија ќерка на Фуџифилм холдингс од Јапонија. Станува збор за лек за кој во клиничка студија во Кина е утврдено дека го спречува ширењето на вирусот на ковид-19 во организмот. Според достапната литература, кај овој лек досега е забележана строга контраиндикација само за бремените жени, бидејќи постои опасност да го оштети или да го уништи фетусот. За други контраиндикации и опасни нуспојави на овој лек засега нема информации. Но, затоа е утврдено дека овој лек е поефикасен ако се употребува во раната фаза на болеста.
Министерот Филипче најави дека веднаш штом ќе добие одговор од Јапонија, за тоа ќе ја извести јавноста. Сепак, извесно е дека одговорот ќе биде позитивен, што е одлична вест за пациентите од ковид-19.
Што се однесува до можноста за лекување на болните со крвна плазма од излечени пациенти, Филипче изјави дека е завршен е протоколот од страна на Институот за трансфузиологија, од стручните комисии, од Медицинскиот факултет и од Агенцијата за лекови. На Трансфузиологија се спремни да ја одделат плазмата и та потоа да им се дава на пациентите крвната плазма, рече министерот, не прецизирајќи кога оваа терапија ќе почне да се применува.
Во изминатите денови и недели Плусинфо интензивно пренесуваше искуства од светот за користењето на терапијата со комбинацијата хидриксихлороквин-азитромицин, како и за терапијата со јапонскиот „авиган“. Повеќе за ова може да прочитате на овие линкови:
https://plusinfo.mk/aponskiot-lek-avigan-e-se-koristi-i-vo-bugari-a/
https://plusinfo.mk/germani-a-so-avigan-e-gi-lechi-zarazenite-so-kovid-19/