Филипче: Пандемијата се шири секаде во светот, засега нема потреба од нови рестриктивни мерки
Комисијата ја следи состојбата и засега границите остануваат отворени додека не се добијат потребните информации за епидемиолошката слика од соседните земји, рече тој.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска од Охрид информираше дека Комисијата за заразни болести претпладнево остварила комуникација со претставници на околните земји и до крај на денот се очекуваат информации за состојбата со коронавирусот во целиот регион.
Комисијата ја следи состојбата и засега границите остануваат отворени додека не се добијат потребните информации за епидемиолошката слика од соседните земји, рече тој.
– Последните статистики насекаде во светот покажуваат дека пандемијата не спласнува, има сè повеќе пациенти, секаде каде се опуштаат рестриктивните мерки има многу нови заразени. Имаме податоци за поголем број заразени и во околните земји. Утрово на Комисијата за заразни болести направивме една интензивна комуникација со претставници на здравствените институции и здравствените власти во сите околни земји со цел да ја согледаме вистинската епидемиолошка слика во целиот регион и дел од тие информации очекуваме да стигнат до крајот на денот – потенцираше министерот Филипче во изјава за медиумите.
Дополнителни мерки кои ќе го ограничат движењето нема да има, но министерот апелира да се почитуваат пропишаните мерки за заштите и протоколите, односно сите лица да носат заштитна маска, да одржуваат растојание и често да ги мијат и дезинфицираат рацете.
– Разговаравме за евентулани дополнителни мерки со претставниците од Светската здравствена организација. Заеднички беше одлучено дека единствено што можеме да воведеме како дополнителна мерка е рестрикција на движењето, други мерки не можеме бидејќи веќе ги имаме. Наш заклучок моментално е дека нема потреба од рестрикција на движењето – рече Филипче.