Филипче: Пак ќе се затворат градинки и училишта, ако има нов бран на зараза во септември

1,225

Министерот Венко Филипче во гостувањето на „Топ тема“ на Телма вечерва рече дека ако во септември или во есенските месеци има втор бран на зараза од коронавирус, можно е да се затворат градинките и училиштата.

– Ако се случи ова, како што предупредува цело време Светската здравствена организација, повторно ќе се воведат рестриктивни мерки, секако ќе се затворат и градинки и училишта – рече министерот Филипче.






Тој не кажа колкав треба да биде процентот што ќе пресуди за повторно да се вратат рестриктивните мерки, но објасни дека тоа се пресметува различно во земјите, а и ситуацијата сега е поразлична затоа што здравствените работници знаат со што се соочуваат и која патологија може да ја очекуваат.

Тој уште еднаш порача дека треба да почитуваат препораките за лична заштита, како носење маски, дезинфицирање на рацете и држење дистанца.

Терминот во кој што може сигурно да се очекува отворање на градинките е 15 јуни, бидејќи до тогаш ќе биде завршен скринингот на вработените, најави министерот за здравство Венко Филипче.

– Скринигот на градинките се очекува да заврши до 15 јуни, а веднаш потоа ќе се тестираат и здравствените работници, полицијата, армијата. Планот за почнување на работата на кино салите, театрите, теретаните ќе биде објавен во следните два дена, и исто како угостителските објекти, и тие ќе работат во неколку фази – вели Филипче.

Тој вечерва во емисијата Топ Тема на телевизија Телма истакна дека за летните месеци се планира и скрининг на таргет групи за антитела, за да се увиди каква е состојбата со граѓаните во однос на имунитетот.

– По скринингот на градинките, кои мора да се пуштат во функција за луѓето да се вратат на работа, ќе се следат и медицинските лица, полиција, армија. За летните месеци планираме и еден одреден скрининг на таргет групи за антитела да видиме каква е состојбата со граѓаните, населението, во однос на имунитетот иако податоците од околните земји и некои други европски земји велат дека е навистина рано да се очекува стекнат имунитет. Многу е мал процентот на граѓани кои имаат антитела, дел од нив ја прележале болеста, дел несвесно ја прележале болеста или имале некои симптоми на кои воопшто не им ни обрнале внимание, но тоа е нешто што го планираме бидејќи мора да знаеме каква е ситуацијата во однос на имунитетот и по потреба да планираме и димензионираме мерки за есенските месеци, кога веќе ќе бидат вратени луѓето од патувања, ќе почнат во функција школите и градинките – рече Филипче.

 

 

Поврзани содржини