Филипче: Од четврток вечер до понеделник изутрина е предлогот за полициски час за 1 Мај, а утре Владата ќе реши
Кој би сакал да седи дома затворен три дена, но има причина зашто тоа е така предложено - истакна Филипче.
Колку ќе трае полицискиот час за време на празникот 1 Мај, односно продолжениот викенд, се интересираа денеска новинарите, а министерот за здравство, Венко Филипче, запраша кој е тој којшто би сакал да седи дома затворен три дена.
Утре Владата ќе реши за ова, рече Филипче, а предлогот на Комисијата за заштита од заразни болести и тоа со консензус , е дека полицискиот час да трае три дена – од четврток вечер до понеделник наутро.
– Одлуката ќе биде донесена утре на седница на Владата. Гостував на утринската емисија пред состанокот на Штабот, каде јас го изнесов мислењето, како и на Комисијата, која со консензус смета дека треба викендот да биде целосно затворен како што беше оној за Велигден, сега од петок до понеделник – рече Филипче.
Во однос на ставот на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, Филипче изјави:
– Не треба да станува збор за какво било лично мислење или некоја тенденција да се пренесе, некакво мислење или став или желба на која било група на граѓани, поради тоа што сите овие мислења се темелат на стручните сознанија на Комисијата за заразни болести. И така функциониравме досега. Тие се темелеа на бројот на пациенти, на тоа што може да очекуваме од рестриктивните мерки во смисла на намалување на бројот на случаи но со медицинска издржаност. Зашто тоа го препорачуваме? Секако дека граѓаните не сакаат да седат дома. Кој би сакал да седи дома затворен три дена, но има причина зашто тоа е така предложено – истакна Филипче.