Здравствените власти будно ги следат забелешките на другите земји за вакцината на „АстраЗенека“, која државава треба да ја добие преку Ковакс механизмот, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче.
– Внимателно ги следиме забелешките од другите земји. Будно следиме, препораките од самите производители и одлуките во одредени земји. Врз основа на тоа ги градиме нашите препораки – нагласи Филипче при гостување во емисијата Топ Тема на Телма.
Тој додаде дека лично нема проблем да се вакцинира со која било вакцина, бидејќи како што нагласи сите се безбедни.
– Немам проблем да се вакцинирам со која било вакцина. Сите вакцини се безбедни. Лично немам проблем да се вакцинирам и со вакцината на „АстраЗенека“ – изјави Филипче.
Во врска со случајот со директорот на струшката болница Мухамед Асани и родилката од Дебар, Филипче не ја исклучи можноста за негово разрешување.
– Оставам само уште малку време, заради тоа што, заради сите други обврски, не направивме детален увид, но следната недела ќе излеземе со став – изјави Филипче.