ФИЛИПЧЕ НЕМА ДА ОДИ НА ЛИДЕРСКА СРЕДБА СО МИЦКОСКИ Техничката влада мора да остане

Мицкоски повикува на средба, а до вчера нè обвинуваа секој ден, бараа да си заминам од СДСМ, измислуваа за мене приказни, дури и во СДСМ од внатре се обидоа да ја рушат партијата. И сега средба? Па, дали мислат дека и јас и СДСМ сме наивни? Средба нема, техничката влада останува, рече денеска Венко Филипче.

396

Претседателот на СДСМ Венко Филипче ќе ја одбие поканата од премиерот Христијан Мицкоски за лидерска средба на која би се разговарало за повеќе клучни прашања, меѓу кои и за измените на Изборниот законик, изборот на народниот правобранител и за предлогот да се укине техничката влада.

– Средба со криминалци нема да има, нема средба за техничката влада. Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување на предвремени избори. Ова што се случува е сценарио кое што е смислено уште лани, кое јас и СДСМ го разоткривме и јавно го говоревме повеќе од два месеци. Предвремени избори, па мигранти за пари. Нема пари во буџетот, власта се брза да превеземе мигранти, да земе кредит 6 милијарди евра, плус 20.000 фунти по мигрант, како што пренесоа британските медиуми. Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ нека си ги распишат изборите сами кога веќе сè имаат испланирано, СДСМ нема да биде покритие за оваа сценарио – рече Филипче.






Техничката влада мора да остане, додаде Филипче.

– Власта узурпираше сè. Ги стави канџите во правосудството, презема целосна контрола врз обвинителството, носи измени на Кривичниот законик спротивно од препораките на Европската Унија. Тоа го прави за заштита на криминалот на власта. Донесе резолуција за укинување на слободата на говор на опозицијата, со тоа ја загуши дополнителна демократијата и донесе Закон за полиција за целосна партизација и за бркање на професионалците. Да не беа овие чекори, можеби и можеше да се разговара, но ова е класична мафија – рече Филипче.

Се потврди и поврзаноста и со СНС и со Србија, како е можно во рок од само еден час по изјавата на Вучиќ во Србија, Мицковски да ги споменува изборите, додаде претседателот на СДСМ.

– Акцијата на САД, законот за Западен Балкан, каде фокус е борбата против криминалот и корупцијата ги забрзаа работите. Зошто постои потреба токму на најголемиот празник, на Божик да се пласираат такви политички вести? Очигледно е дека се разоткриени пред целиот свет. Постојат најави за црни листи, за санкции на политичари од целиот регион кои што ќе бидат објавени овој или наредниот месец. Мицкоски повикува на средба, а до вчера нè обвинуваа секој ден, бараа да си заминам од СДСМ, измислуваа за мене приказни, Дубаи, Харис Џиновиќ, Сент Мориц, секој ден лажни вести, навреди додека со службите ме следат. Дури и во СДСМ од внатре се обидоа да ја рушат партијата. И сега средба? Па, дали мислат дека и јас и СДСМ сме наивни? Средба нема, техничката влада останува – рече Филипче.

На новинарско прашање дали СДСМ ќе учествува на евентуални предвремени парламентарни избори, одговори потврдно.

Поврзани содржини