Сѐ уште не се знае колку долго можат да го носат во себе коронавирусот асимптоматските случаи, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање – колку долго асимптоматските носители можат да го носат вирусот и дали воопшто некогаш ќе развијат симптоми на болеста?
– Тоа е нешто што во моментот точно не се знае. Во смисла на инкубација е 14 дена. Меѓутоа, тоа што не знаеме е дали може да има целосно асимптоматски случаи или со сосема лесна форма на болеста во смисла на гастро-интестинални тегоби, кои што пациентот практично не ги ни регистрира, ниту обрнува внимание поради тоа што не може да асоцира со вообичаените симптоми на коронавирусот кои што ги кажуваме. Во смисла на инкубација е 14 дена како носител до развивање на симптоми – рече Филипче додавајќи дека има некои публикации за оваа тема.
На прашањето кога ќе се стави во функција донираната лабораторија од Новартис и Лек и со колкав капацитет ќе биде, тој рече дека со оваа донација ќе се надградат капацитетите на лабораторијата на Институтот за јавно здравје.
– Компаниите дадоа парична помош на Институтот за јавно здравје со цел да се надгради капацитетот на лабораторијата. Во која насока ќе биде, дали во насока на зголемување на бројот на апарати со кои што може повеќе да се сработат резултати, веројатно сега работат стручните лица во лабораторијата, наскоро ќе се знае. Во меѓувреме, ние работиме на зголемување на бројот на лаборатории, како што веќе најавив, во МАНУ и во Институтот за Судска медицина. Во Институтот барем на почетокот ќе може да се дијагностицира материјалот од направените обдукции – рече Филипче.
Пред неколку дена фармацевтската групација „Новартис“ и „Лек“ Скопје, член на компанијата Сандоз, донираше 100.000 долари на Институтот за јавно здравје со цел да биде опремена уште една лабораторија за тестирање со целата потребната апаратура и тестови, за да се обезбеди побрзо и полесно надминување на најголемата здравствена криза во земјава.