Со колку лица бил во контакт и колку можеби заразил скопјанецот од Карпош којшто не ги почитувал мерките за самоизолација, како и дали има заболени од коронавирус и во неговото семејство, министерот Венко Филипче не даде конкретен одговор денеска на прес-конференцијата.
– Одговор за ова треба да се добие од МВР , таму се води постапката – рече Филипче.
А за oхридската болница, рече дека завршил увидот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
– Детектирани се пропусти во третманот на пациентката и ќе се преземат соодветни мерки за сите кои биле вклучени во тој процес. Новиот директор ја реорганизира работата во однос на пристапот и сместувањето пациенти на Инфективното одделение – додаде Филипче.
Тој најави дека Мобилната болница поставена до Инфективната клиника утре ќе почне да работи – се поставуваат креветите, завршен е доводот на воздух.
– Утре ќе биде ставена во функција, а целосно до крајот на неделата. Се уште има слободен капацитет и на Клиниката за инфективни болести каде исполнетоста е 50 проценти. Во тек е надополнувањето со кадри од Клиниката за анестезиологија, медицински сестри од другите клиники согласно планот за ротација и поддршка на персоналот кој работи на Инфективната клиника – рече Филипче.