ФИЛИПЧЕ НЕ Е ОД СДСМ, А МИЛА ДОЈДЕ ОД НЕВЛАДИНА ОРГАНИЗАЦИЈА Максим Димитриевски разочаран од својата партија
Димитриевски додаде дека луѓето кои што сега ја креираат кадровската политика во СДСМ треба да бидат минато.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, говореше за проблемите со кои се соочува СДСМ, а како главни виновници за лошиот резултат на партијата на локалните избори, ги посочи луѓето кои што произлегоа од лошата кадровска политика.
– Мојата партија избега во една друга насока, побегна од идеологијата. СДСМ од секогаш била државотворна партија која што ги носела клучните одлуки за оваа држава, во најтешките моменти и изнаоѓала начин како да ги преброди сите кризи. Голем број на луѓе од раководството кои што денеска се во тоа мое СДСМ всушност и никогаш не ни припаѓале во партијата, во моментов дури и биле многу поблиски со одредени други политички структури и успеаја да се наметнат во таа лоша имплементирана кадровска политика. Еве конкретен ќе бидам, Фондот во министерство за здравство го водат луѓе кои што не се блиски до СДСМ. Или да го земам (Венко) Филипче кој што никогаш не ни бил нешто во СДСМ. Мила Царовска која што дојде од невладиниот сектор – истакна Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово во утринската емисија на телевизија 24.
Димитриевски додаде дека луѓето кои што сега ја креираат кадровската политика во СДСМ треба да бидат минато.
– Во овие избори кандидатите за градоначалници на СДСМ не доживеаја пораз, туку доживеаја политиките кои што се спроведуваат на централно ниво – заклучи Димитриевски.
Тој посочи и дека е длабоко разочаран од некои изјави искажани во текот на кампањата, а посебно е разочаран од изјавите на Зоран Заев. Димитриевски неодамна го освои вториот мандат во Куманово, а на изборите се појави како независен кандидат.