Филипче: Најважно е врвот на епидемијата да не дојде нагло
Нема да има оправдување за граѓаните кои нема да се придржуваат на мерките што се донесени како одлуки на Владата. Мора да биде нивото на свест за почитување на овие луѓе исклучително високо заради тоа што од тоа зависи јавното здравје битно за сите нас, - нагласи Филипче.
Проценката е дека во земјата може да имаме 2.000 заболени од коронавирусот, а најбитно е врвот на зголемување на бројката на заболени да не дојде нагло. Секоја епидемија има крива и очекуваме таа да биде многу блага, да не даде преголема оптеретеност на здравствениот систем и да создаде дополнителни проблеми – изјави на вечерашната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче.
Во земјата досега има 31 заболен од коронавирусот, а од петмината новодијагностицирани денеска четворица се здравствени работници од Дебар, а петтата позитивна е сопругата на веќе дијагностицираниот пациент од болницата „Жан Митрев“.
Филипче нагласи дека здравствените работници се најескпонирани и за време на работата и надвор од здравствените установи.
– Ние мора да правиме се за да ги заштитиме тие луѓе, а во овие услови, како и во сите други, тоа е многу потребно. Мора да обезбедиме одржлив и стабилен здравствен систем за сите. Нема да има оправдување за граѓаните кои нема да се придржуваат на мерките што се донесени како одлуки на Владата. Мора да биде нивото на свест за почитување на овие луѓе исклучително високо заради тоа што од тоа зависи јавното здравје, битно за сите нас. A исклучително битно за здравствените работници заради тоа што тие требаат сега како што требале порано, како што ќе требаат и понатаму кога овие моменти ќе бидат далечно минато. Тие здравствени работници имаат семејства, тие се грижат за нив, макотрпно и пожртвувано работат, се жртвувале во текот на животот, се едуцирале за да помагаат на нашите сограѓани – рече Филипче.
Тој порача дека трудот и напорот и улогата на здравствените работници којашто се дава во овој момент е непроценлива, а на граѓаните да се придржуваат до мерките.
– Затоа мора да водиме грижа за сите нас, а за граѓаните уште еднаш ја повторувам пораката – останете дома и најстрого придржувајте се до мерките за заштита и превенција – додаде министерот.
Од утре болницата во Дебар ќе добие засилување – двајца доктори од Клиниката за пулмологија за да го надополнат капацитетот и да помогнат на епидемиологот и тројцата инфектолози, кои се веќе таму, за скринингот, третманот и за домашните визити на пациентите кои се лекуваат во Дебар.