Филипче: На списокот за вакцинација во прва фаза покрај здравствени работници се и 14.000 граѓани
Министерот информира дека списоците се со име и презиме на лицата кои ќе се вакцинираат, а нивната покана оди преку матичните лекари.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека веќе се направени списоците за вакцинирање со имиња на здравствените работници и граѓаните кои први ќе бидат повикани од матичните лекари како што е предвидено во Националната стратегија за вакцинација.
Вакцинирањето на овие лица е планирано во првата фаза.
– Како приоритет здравствените работници веќе ги имаме со име и презиме како ќе примаат вакцини, тука во Клиничкиот центар во еден пункт, а во останатите градови во здравствените домови таму кадешто се аплицираат вакцините. Во однос на останатите граѓани, согласно возраста и хроничните болести веќе е направен списокот со име и презиме на 14.000 луѓе, кои ќе бидат повикувани само преку матичните лекари, а преку системот „Мој Термин“ – рече Филипче.
Филипче потенцираше дека последната препорака е дури и граѓаните кои биле заболени после месец дена без разлика дали имаат или немаат антитела се вакцинираат. Единствената контраиндикација за вакцинација е да имаат некаков симптом на болеста и само во тоа сценарио граѓанинот нема да се вакцинира.
Министерот информира дека во втората фаза е предвидено да се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход кои не се опфатени во фаза I, лица на возраст од 65 години и постари. Во планот за вакцинација, опфатени се и лицата на возраст од 20-65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход. Понатаму, здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција, вработени во витални институции за нормално функционирање на општеството, како и вработени во образовни институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки.
Во третата фаза, опфатени за вакцинација се приоритетните групи: останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30-64 години.
Вакцинацијата е само една од повеќето превентивни мерки кои се користат во борба против ширењето на пандемијата. Другите мерки – носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена на рацете, заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од COVID19 и сузбивање на пандемијата.