Комисијата за заразни болести утре ќе ѝ предложи на Владата нови рестриктивни мерки кои ќе опфатат сите економски оператори да работат до 23 часот, ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 проценти и препорака до целата државна и јавна администрација, општини и судови, работниот процес да се одвива во смени, онлајн од дома или по систем на ротации. Сето тоа, смета министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска ги презентираше новите мерки, ќе го намали и притисокот врз јавниот превоз.
– Ситуацијата е навистина сериозна. Следен чекор би било целосно ограничување на движењето, односно полициски час. Да собереме сили да го избегнеме тоа, доаѓаат уште поладни зимски месеци. Верувам дека граѓаните се веќе свесни, секој ден ги објавуваме статистиките. Ова е последниот чекор пред воведување полициски час – им порача Филипче на граѓаните.
Тој додаде дека со економските министри се разгледува како да им се излезе во пресрет на економските оператори и да им се помогне финансиски.
Во однос на идентификација на кластерите, министерот рече:
– Мини кластери секогаш ќе се евидентираат. Тие се толку многу што практично нема граници. Нема можност да се направи некакво разграничување. Најризични мини жаришта се градот Скопје, со некои општини, Штип и Струмица.
Денеска Собранието по скратена постапка треба да ги усвои измените во законот кои предвидуваат носење маска на отворено, ограничување на семејни собири, ограничување на групирање надвор по 22 часот.
Филипче додаде дека епидемиолошката слика покажува значителен раст на заболени во третата, четвртата, петтата и во шестата декада, во Скопје и во целата држава. Капацитетите се речиси пополнети секаде. Но, сѐ уште нема сместени пациенти во модуларната болница до Инфективната клиника во Скопје.
Во болниците во Прилеп, Штип и во Струмица нема место за пациенти со ковид-19. Забрзано се пополнуваат и капацитетите на болницата во Гостивар.