ФИЛИПЧЕ НАЈАВУВА СЕРИОЗНО ОКРУПНУВАЊЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА Нема да се повлече од лидер на СДСМ, каков и да е резултатот
ВМРО-ДПМНЕ има изгубено стотина илјади гласа споредено со минатата година, што никогаш досега не се случило една влада да има толкав пад на популарноста за само една година, вели претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, најавува „енергична и ентузијастична битка“ во сите општини каде што СДСМ и коалицијата предложија кандидат за градоначалник. Тој и смета дека енергијата и желбата за политичка борба се зголемуваат кај членовите и симпатизерите на СДСМ.
Според Филипче, анкетите на ВМРО-ДПМНЕ лажно покажуваат мала поддршка за СДСМ, а владејачката партија е во паника од падот на рејтингот.
– Тие имаат изгубено стотина илјади гласа споредено со минатата година, што никогаш досега не се случило една влада да има толкав пад на популарноста за само една година. Меѓутоа, тоа не е чудно, едноставно, со ништо не се справија. Покажаа дека немаат ниту човечки капацитет, ниту работна навика. Не се впуштија во решавање на проблемите на граѓаните, туку влегоа во партизација на институциите. Влегоа во тендери преку свои компании, преку коишто понатаму се исплаќаат хонорари на разни советници на премиерот во Владата, нивни сопружници – рече Филипче во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ1.
Дополнително, тој вели дека е свесен дека временскиот рок од 15 месеци е прекраток за луѓето целосно да ја вратат довербата во СДСМ, но оти тие на овие избори излегуваат со професионалци, чесни луѓе кои имаат кредибилитет и легитимитет да ја побараат довербата од граѓаните.
На прашањето каде очекува победа на неговата партија, Филипче вели дека тоа ќе го кажат граѓаните. Во врска со анализите на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ ќе победи во најмногу 6 општини, лидерот на СДСМ изјави дека по 19 октомври, но и по вториот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде непријатно изненадена, затоа што „повеќе не можат да излажат толку голем број на граѓани“, како на парламентарните и претседателските избори лани.
– Ние ќе се бориме за да ги повратиме гласовите од времето кога поддршката на СДСМ беше огромна, со наши автентични политики и со искрен пристап, со отворен, инклузивен контакт со граѓаните. Така што, јас верувам дека тие политики ќе ги препознаат и секако дека се бориме за секој глас, на секој еден граѓанин – рече Филипче.
Тој вели дека нивниот слоган на кампањата значи дека ќе се борат за „нашиот дом“ и оти тоа претставува сублимат на сите историски политики, започнувајќи од АСНОМ, па сè до евроатлантските интеграции на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Тоа е повеќеслојна порака дека борбата е за секоја куќа, уличка, населба, општина, вели лидерот на СДСМ.
– Мотивирачки е слоганот, одлично го прифатија нашите членови. Сметам дека добро допира пораката дека нашиот народ кој традиционално се борел секогаш кога некој сакал да му ја земе слободата, кога сакал да го замолкне, кога сакал да го ограби, а токму тоа се случува сега со оваа власт – рече тој.
Независно од исходот на локалните избори, Филипче планира да остане на позицијата претседател на СДСМ. Тој рече дека ја презел партијата во многу тешко време, по катастрофалниот пораз на парламентарните и претседателските избори и дека неговата визија ги надминува овие локални избори.
– Мојата визија е малку подолгорочна, во периодот после локалните избори вклучува сериозно окрупнување на сите опозициски партии. Мотивацијата е сè поголема, имајќи предвид дека сметам дека земјава сериозно заглавува – рече Филипче.
Прашан што доколку одредени структури во партијата го постават прашањето за негова доверба, тој вели дека структури што креираат такви потенцијални сценарија ќе има, има и сега, но и оти независно од финалниот резултат, тој планира да остане на позицијата.
Тој смета дека средствата наменети за општински проекти од унгарскиот кредит нема да направат разлика на претстојните локални избори.
– Ако прашувате за проектите коишто беа најавени преку унгарскиот кредит, тука има еден многу важен аспект, а тоа е дека многу мал процент од тие проекти коишто беа најавени се започнати. Едноставно, никој не знае каде отидоа една милијарда евра од унгарскиот кредит – рече тој.
На забелешката дека 500 милиони евра беа наменети за враќање на еврообврзница и дека тоа се случи, Филипче праша каде се преостанатите 250 милиони кои беа најавени за кредити за компаниите.
– Кога велам каде се парите, не се потрошени. Прво, беше многу индикативно тоа што се сменија повеќе процедури за Македонската банка за развој по првпат да може да зема пари од буџетот. Дотогаш не можеше. Обично земаше од меѓународни финансиски институции. Сега, наеднаш, зема од буџетот. Нашите информации се дека парите се веќе потрошени. И компании ни кажуваат – тврди Филипче.
Според лидерот на СДСМ, имаме слаба економија, граѓаните не може да врзат крај со крај, Владата води лоши економски политики, цените не се под контрола, има пад на странските инвестиции, а намален е и извозот, особено кон Германија.
На прашањето како тогаш расте БДП со над 3% неколку квартали наназад, лидерот на СДСМ тоа го поврза со градежните активности на автопатите.
– Тоа се должи само и исклучиво на градежните работи на автопатите – „Бехтел-Енка“, нашите договори коишто ги плукаа дека се криминални – рече Филипче.