Филипче: Моментално нема потреба да се ангажираат пензионирани лекари
Министерот за здравство вели дека нема невработен или неангажиран лекар. Сите млади лиценцирани лекари веќе се ангажирани и помагаат во некоја област.
Моментално не планираме и нема потреба да ги повикаме пензионираните лекари да помогнат во борбата со коронавирусот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој рече дека моментално нема невработен или неангажиран лекар.
– Сите млади лиценцирани лекари веќе се ангажирани и помагаат во некоја област. Имавме состанок со 55 лекари приватни интернисти, десетина веќе се пријавени и се ставија во функција. Во таа смисла нема потреба од пензионираните лекари. Во некои земји ги враќаат на работа лекарите кои се дијагностицирани со ковид-19, а се асимптоматски. Кај нас сè уште нема потреба од нивно ангажирање, ниту од пензионираните лекари рече Филипче денеска во Струмица.