Филипче: Многу земји воведуваат рестрикции само за невакцинираните, ние сè уште размислуваме

Многу земји во светот најавуваат воведување рестрикции само за невакцинираните луѓе, но ние сè уште не сме донеле одлука. Секако, ако процениме дека ризикот врз вакцинираните е доволно голем, тогаш ќе воведеме нови рестрикции, рече министерот за здравство.

847

Многу земји во светот планираат да воведат рестриктивни мерки само за невакцинираните луѓе, но ние сè уште размислуваме какви мерки да воведеме во есенските месеци, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

– Засега не планираме да воведеме рестриктивни мерки. Размислуваме дали е потребно нешто да се направи наесен и ги следиме искуствата во другите земји. Многу земји во светот најавуваат воведување рестрикции само за невакцинираните луѓе, но ние сè уште не сме донеле одлука. Секако, ако процениме дека ризикот врз вакцинираните е доволно голем, тогаш ќе воведеме нови рестрикции – рече Филипче.






Тој истакна дека денеска ќе ја надминеме бројката од 500.000 вакцинирани лица со најмалку една доза.

– Добро се одвива теренската вакцинација, околу 20.000 лица се вакцинирани со помош на теренската вакцинација. Можам да кажам дека имунизацијата во земјава одлично се одвива, а денеска ќе ја надминеме бројката од 500.000 вакцинирани лица со една доза. Лекарските екипи се на терен, кампањата силно ќе се интензивира со цел да се подигне опфатот со вакцинација. Луѓето кои се на терен јасно ги бележат местата каде што се спроведува вакцинацијата и верувам дека граѓаните се доволно информирани преку целата оваа силна комуникација – истакна Филипче.

Министерот посочи дека точно 92 пациенти во земјава од вкупно 330.000 ревакцинирани се заразиле со ковид-19.

– Само 92 пациенти од вкупно 300.000 ревакцинирани се заразиле со коронавирусот. Процентот е многу мал и изнесува околу 0,02 проценти, а тоа е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината. Точно е дека процентот на имунизирани е низок во некои помали градови низ државава, но висок е во Охрид и во Битола – околу 40 проценти. Исто така, околу 60 отсто од вкупното население над 60 години е веќе вакцинирано, а вакцинирани се околу 630 деца – рече Филипче.

Тој напомена и дека добро се менаџира целокупниот процес во пунктовите во здравствените домови.

– Се враќаат луѓето на своите работни места и чекавме да помине оној масовен прилив на граѓаните за ревакцинација, поради тоа што таму беа вакцинирани, па мораше истите места да бидат за ревакцинација, со цел да не се створат гужви. Меѓутоа и понатаму вакцинацијата без закажување се одвива во здравствените домови – додаде тој.

Филипче појасни дека не очекува пореметување или голема гужва во системот за ревакцина. Посочи дека се подготвени да интервенираат, но засега смета дека сосема е доволно вакцинацијата да се спроведува во здравствените домови.

Поврзани содржини