Филипче: Ковид-19 понекогаш не штеди млади и здрави
За жал, и здрави лица починуваат, но тоа е повеќе исклучок, отколку што е правило. Дефинитивно еден голем процент од вкупниот број на починати лица се пациенти кои имаа хронични болести, како проблеми со васкуларниот систем, крвните садови, срцето и белите дробови, рече министерот за здравство.
Мора да има санкција таму каде не се почитуваат мерките. Изминатиот период имаше потфрлања, не се контролираа луѓето и местата каде се организираа настани. Но, и граѓаните мора да се свесни дека мерките треба да се почитуваат за да го заштитат сопственото и јавното здравје, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче на гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
– МВР во изминатиот период можеше да биде поинтензивно на терен и граѓаните да станат свесни дека има институција која се грижи. Но, мора и граѓаните да се свесни дека мерките мора да се почитуваат за да го заштитат сопственото здравје. Никој нема да биде виновен ако некој не се грижи за своето здравје – рече Филипче.
Министерот оцени дека ситуацијата во земјава е под контрола на што укажуваат податоците за сериозно намалување на бројот на новозаболени во однос на претходниот период и на помалиот број случаи на хоспитализирани. Според него, добро е и тоа што со зголемувањето на бројот на направени тестови откриени се и голем број асимптоматски случаи што придонесува во намалувањето на ширењето на вирусот.
Зборувајќи околу високиот процент на смртност од заболените од ковид-19, министерот рече дека не знаеме се за вирусот како причинител.
– Видовме многу различни клинички форми, манифестации кои даваат пореметување на белите дровови, крвта, црниот дроб, а сето тоа резултира со голем број смртни случаи, тоа укажува дека овој вирус не познава граници во однос на возраста, манифестацијата, начинот, правилата, едноставно причинител каков што во светот на медицината не бил познат. За жал, и здрави лица починуваат, но тоа е повеќе исклучок, отколку што е правило. Дефинитивно еден голем процент од вкупниот број на починати лица се пациенти кои имаа хронични болести, како проблеми со васкуларниот систем, крвните садови, срцето и белите дробови – рече Филипче.
Тој повтори дека се работи за вирус за кој се уште не знае се и за кој единствената заштита се носење маска, држење дистанца и често миење на рацете. Трансмисијата на вирусот, како што посочи Филипче, е поголема на настани кои се организираат во затворен простор, отколку на отворен.
Вториот бран на вирусот, според Филипче, беше резултат на непочитувањето на мерките за заштита.
Прашан дали е можно повторно да се воведе рестрикција на движење, Филипче рече дека во земјава има протоколи за се и оти треба да се види дали ваквата рестрикција ќе го има ефектот како на почетокот на пандемијата имајки предвид дека сега вирусот го има насекаде.