Министерот за здравство Венко Филипче вечерва во интервју за телевизија Сител зборуваше за посетата на Грција и средбата со неговиот грчки колега, а на новинарско прашање кога ќе можат Македонците да патуваат во таа земја, тој рече:
– Атина беше празна. Многу малку движење по улиците. Граѓанте на улиците беа во мал број. Празно беше и по автопатите, се движеа само товарни возила. Разговаравме за сегашната состојба со грчкиот колега. Го имаме истиот пристап, истите дилеми и прашања. Размислуваме на истиот начин за тоа што следува. Ние спремивме документ кој ќе треба да се разгледа во текот на оваа недела. Кога ќе го разгледаме оваа недела, верувам дека ќе го најдеме и заедничкиот начин за соработка, а потоа тој документ ќе се даде и на други соседни земји. Многу наши граѓани ќе сакаат да патуваат во Грција, многу нивни граѓани ќе сакаат да дојдат кај нас. Така да, разговаравме за тоа, ќе го спремиме документот, ќе го разгледаат стручните лица и начинот на движење на граѓаните, поминување на границите ќе биде финализиран – рече Филипче.
Кога ќе се отворат границите 14-дневниот карантин нема да може да се спроведува во ниту една во земјите од регионот, изјави министерот.
Во интервјуто за Сител, Филипче вели дека олеснувањето на мерките ќе продолжи. Според него нагло намалување на мерките може да создаде дополнителни гужви. За полицискиот час рече дека засега нема да се менува, а во следната недела ќе носат одлуки за тоа дали ќе има промена околу неговото времетраење.