ФИЛИПЧЕ ИМАЛ СОСТАНОК СО „ФАЈЗЕР“ Трета доза не ни бега?
Министерот за здравство рече дека околу 9 отсто од смртните случаи се вакцинирани, но тоа се пациенти имале тешка состојба и биле со сериозни коморбитети.
Секаде во светот и во регионот болниците се полни со невакцинирани пациенти. Тие се околу 80 отсто од заболените. Не знаеме како ќе се движи пандемијата, само вакцинацијата е таа што ќе го врати животот во нормала. Во вакцините не треба да има сомнеж, сите вакцини се безбедни. Таа е единствениот процес кој ќе го спаси светот од оваа пандемија, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
– Никој во светот не кажал дека вакцината целосно штити од заразување, туку дека штити од тешка форма на болеста и 20 пати го намалува ризикот од смртен исход од коронавирусот. Ниту еден здравствен работник не тврдел дека вакцините штитат од зараза на ковид-19. Најголемиот број од пациентите во болниците се невакцинирани – истакна министерот.
Тој уверува дека во последните денови болниците не се полнат како што беше тоа порано и дека интерните одделенија се подготвени, иако веќе има пациенти.
– Во државата со вчерашниот ден се вакцинирани со прва доза околу 740 илјади граѓани. Секојдневно имаме над 13-14 илјади аплицирани вакцини. Ако со овој тренд продолжи ќе биде добро. Над 43 години се вакцинирани вкупно 54 отсто од населението, вкупно е нешто помалку, што значи дека интересот е помал кај младите – изјави Филипче.
Тој рече дека околу 9 отсто од смртните случаи се вакцинирани, но тоа се пациенти кои имале тешка состојба и биле со сериозни коморбитети.
Министерот за здравство информираше дека имал состанок со претстаници на „Фајзер“, на кој разговарале за плановите за следната година и за нивните сознанија во однос на клиничките испитувања. Сите испитувања досега, посочи министерот, одат во насока дека најверојатно трета доза ќе биде потребна, но се чека тие наоди да ги официјализираат.
Околу бројот на вакцини во земјава, Филипче наведе дека во овој момент има сосема доволно.
– Околу 300 илјади дози се на располагање, 115 илјади дози на вакцини од „Астра Зенека“, 110 илјади „Фајзер“ и 100 илјади дози од „Синовак“ и ја имаме оваа континуирана количина која што доаѓа од 30-40 илјади секој понеделник или вторник од компанијата „Фајзер“ – посочи министерот.
Тој повторно укажа дека не треба да постои сомнеж кај граѓаните и оти сите вакцини се безбедни.
Во однос на новиот сој, министерот рече дека ги чекаа научните созананија.
– Кога ќе се појави една варијанта без разлика каде е или станува типична за некој регион или брзо се шири. Има типични соеви на вирусот за поединечни некои региони. Точно е дека има нова варијација на вирусот, меѓутоа тоа е нешто што воопшто не е изненадување. Овој тип на вирус има тенденција да мутира во различни делови. Се уште е рано да се кажат карактеристиките на овој најнов сој на вирусот. Ги чекаме научните сознанија. Она што досега се знае за досегашните соеви на вируси е дека важат истите принципи вакцинацијата и општите превентивни мерки – додаде Филипче.