Ја обезбедивме целата потребна терапија за голем број пациенти во нашата земја. Излегоа повеќе студии според кои таа дава добри резултати. Утре треба да се добие дозвола за употреба на оваа комбинација на лекови од МАЛМЕД. Веќе многу земји ја ставија во протоколите со оглед на тоа што даде добри резултати, поради што ние го правиме истото. Огромна е побарувачката за лекот сумамед, се донесе одлука да се издава само на бел рецепт. Апелирам граѓаните да не прават залихи. Има доволно, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција во Владата.
– Денеска имаме седум заболени помалку од вчера. Тоа е охрабрувачко. Но, сметам дека сѐ уште сме во трендот на зголемување – рече Филипче.
Денеска на седница на влада ќе се дискутура за нови заострени мерки за граѓани во ризичната група а тоа се граѓаните над 65 години како најризична група и младите до 18 години кои се преносители на болеста.
Во функција од денеска се ставени 14 центри и близу 1.200 матични лекари кои ќе се вклучат во процесот на закажување за земање брисеви.
Секој може да се јави кај својот матичен на кој ќе ги каже неговите симптоми и согласно податоците од епидемиолошката анкета матичниот лекар има алгоритам кој ќе укаже дали има потреба за тестирање или не. Според потребата од итност ќе се закаже термин преку Мој термин.
Во Скопје тестирања од денеска ќе се прават во поликлиниките Јане Сандански и во Ченто, не во Чаир, како што досега беше кажувано.
Тројца пациенти се во тешка состојба, а двајца се во средно тешка состојба. Ноќеска на Клиниката за инфективни болести почина пациент заболен од корона вирусот, маж на 63 години од Дебар кај кого дошло до нагло влошување на состојбата. Хоспитализиран е на 17 март со наод на белите дробови, направена е реанимација, поставен е на респираторна машина, но по неколку часа состојба се влошила и починал. Не дал податок за коморбидитет.
– Пациенти кои имаат претходна болест на бели дробови се во поризична група за смртност од коронавирусот. Но тоа не е правило – рече Филипче.
Во изминатите 24 часа регистрирани се 22 нови случаи. Вкупно во земјава има 136 од кои еден излекуван и двајца починати. Денеска се прават 6 контролни брисеви на веќе хоспитализирани пациенти.
На сите лица во врска со Клиниката за кожни болести се прави план да се тестираат во следните денови и да се вратат на работното место.