ФИЛИПЧЕ И ОПОЗИЦИЈАТА ТРЕБА ДА СЕ ИЗВИНАТ, А НЕ ДА ШИРАТ ХИСТЕРИЈА Тие ја донесоа државата во оваа позиција и немаат кредибилитет да критикуваат, вели Муцунски
Лидерот на СДСМ тврди дека имаме анти-ЕУ надворешна политика, без концепт, и тоа често го има повторувано, но ЕУ сега вели дека една од најсилните алки во системот на евроинтеграција е надворешната политика на државата – рече шефот на македонската дипломатија.
Главната порака што ја добивме од Брисел е дека геополитичкиот контекс и налага на ЕУ да го интерпретира процесот на проширување како процес на унификација на Европа којшто покрај економско има и безбедносно значење за Унијата. Убеден сум дека доколку државата ги имаше направено уставните измени и овој извештај ќе беше поразличен во начинот на којшто одредени фрази се поставени во неговата содржина, бидејќи техничкиот елемент којшто се оценува има и политички аспект. Но, ние како Влада отворено тоа што го зборуваме пред граѓаните и тоа што чувствуваме дека е став на нашиот народ го пренесуваме и во Брисел. Така се изградени и нашите позиции. Не е само прашањето на уставни измени, прашањето е кои се гаранциите што ќе ги добие државата за предвидливоста на нејзиниот пат напред.
Ова го изјави во Тема на денот на Сител телевизија министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, говорејќи за последниот Извештај на ЕК за напредокот на земјава и евроинтеграциите на земјава.
– Веќе година и половина опозицијата и луѓе блиски до неа шират хистерија дека надворешната политика на државата нема концепт, дека не знае каде се движи, дека без идеја се дејствува, следејќи го секое детално гласање во полето на мултилатералната дипломатија за да сега, преку овој извештај добијат демант – надворешната политика и регионалната соработка – тоа што го работи МНРиНТ, беше највисоко оценето во овој извештај, каде што добивме и пофалби за нашата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика и за други аспекти како што е историското партнерство во одбраната и безбедноста и низа други елементи, каде што се гледа дека очигледно нашата надворешна политика, во еден сложен геополитички период кога трансатлантските односи не се такви какви што биле, кога имаме конфликти на повеќе места, успева да биде највисоко позиционирано низ призмата на тоа што го цени ЕУ, а сепак да го одржи нашето стратешко партнерство со САД – нагласи Муцунски.
Во однос на критиките на лидерот на СДСМ Венко Филипче за Извештајот, Муцунски кажа дека опозицијата нема кредибилитет да зборува по ова прашање.
– Лидерот на СДСМ тврди дека решението од 2022 е добро решение. Тој тврди дека имаме анти-ЕУ надворешна политика и тоа често го има повторувано без концепт, кога ЕУ вели една од најсилните алки во системот на евроинтеграција е надворешната политика на државата. Мојата поента е – кој е легитимитетот и кој е кредибилитетот на луѓето кои ја доведоа нашата држава во оваа позиција во делот на европските интерации да ценат? Јас немам обврска да им давам политички совет, но тоа што мислам дека е добро е опозицијата да се обедини со Владата и со сите засегнати страни во државата да создадеме консензус по овие прашања, рече тој.
Според него, наместо голи критики што не се реални и не се објективни треба да се види што е она што заедички може да се направи за да се движиме напред.
– Притоа веројатно би било коректно и лидерот на опозицијата наместо да вели дека предлогот од 2022 е добар, да се извини на целата држава за грешките што се направени што не имаат доведено до оваа ситуација. Но тој истовремено излегува со т.н. црвени линии каде никаде не се гледа која е црвената линија и со тоа ги влошува позициите на државата кога настапува надвор од нејзините граници. Така да контрадикторноста на опозицијата и кога беше власт и сега се покажува постојано на дело и немаат кредибилитет да зборуваат по овие прашања, оцени Муцунски.