Филипче го потпиша договорот за набавка на кинеската вакцина – ќе пристигне на скопскиот аеродром, ама не се знае кога
Вакцината на „Синофарм“ се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, а вакцините се пакувани во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината, наведено е во соопштението на Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче го потпиша договорот за набавка на 200.000 вакцини против ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“, кои ќе пристигнат месецов, соопшти Министерството за здравство.
Точниот датум на пристигнување на вакцините се очекува да биде утврден во следните денови. Министерството за здравство соопши дека ја почитува одредбата за тајност, со што податоците што ги содржи Договорот остануваат доверливи.
„Вакцините од Кина во нашата земја ќе пристигнат на аеродромот во Скопје. Направен е детален план за транспорт на вакцината од аеродром до економските оператори (веледрогерии) кои се задолжени за складирање на количините, а потоа и план за дистрибуција до вакциналните пунктови каде ќе се спроведува вакцинацијата. Изминатата недела се вршеа премери на волуменот на ладните соби за чување, а се вршеше и проценка на капацитетите за складирање на целата количина“, соопшти Министерството.
Вакцината на „Синофарм“ се чува и се дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, а вакцините се пакувани во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината, наведено е во соопштението.
„Овој тип на вакцини има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста, поради тоа може да се даваат на сите граѓани, без ограничување по било кој основ. Конкретно за оваа вакцина на ‘Синофарм’, термините за вакцинација во јавните здравствени установи ќе бидат на 10 минути, по пациент. Јавните здравствени установи ќе работат во две смени за да се постигне што повисока стапка на вакцинација на дневно ниво“, најави Министерството.
Според Националниот план за вакцинација против ковид-19, први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во Итна помош и други здравствени работници опфатени во првата група од Фаза 1, како и возрасните граѓани над 70 години.
Од Министерството нагласуваат дека сите вакцини кои се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните. Производителите на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а некои производители дополнително се регистрирани и од европското и од американското регулаторно тело за квалитет на лекови.