„ФИЛИПЧЕ Е КОНТИНУИТЕТ НА ПОЛИТИКИТЕ НА НЕГОВИОТ ГУРУ ЗАЕВ“ Мицкоски вели дека за нив повисоките пензии за 6.000 денари не значат ништо зашто нивните јахти вредат милиони

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети и „на националните предавства и распродажбата на Македонија“ на владата на СДСМ и сегашните „Црвени линии“ кои ги нуди Филипче.

74

Нашиот политички противник оваа кампања ја започна со негативна кампања. Јас не слушнав до сега од претседателот на СДСМ ниту еден проект ниту една стратешка визија ниту еден проект што ќе значи иднина. Тој самиот вели во неговите говори дека ова раководство на СДСМ е континуитет на раководството на СДСМ коешто 7 години ја пустошеше и ја распродаваше Македонија. Па има ли поголема потврда од ова и поголема инспирација за граѓаните во Македонија да излезат на 19 октомври и да гласаат токму против тие политики коишто минатата жестоко ги поразија на парламентарните и претседателските избори, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митингот во Ново Село.

Мицкоски посочи дека Филипче е континуитет на политиките на Зоран Заев коишто го осиромашија народот а половина милион граѓани оставија со 150 денари на ден.






-Ајде да се присетиме што се случуваше тие 7 години. Еве дали да почнеме од тоа што половина милион наши граѓани живееја со 150 денари на ден. Дали да зборуваме за пензиите на пензионерите коишто годишно се покачуваа од 130 – 150 до 500 денари максимум. Тоа беа покачувањата на пензиите за нашите пензионери во тие 7 години. Па сега ќе кажат покачувањето што го направи оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ не било доволно па се потсмеваат со тоа, се исмеваат со тоа а забораваат дека повеќе од 350.000 пензионери досега добија линеарно покачување од 6000 денари а за година и половина заклучно со покачувањето што ќе биде во април месец, односно за месец март, вкупното линеарно покачување ќе биде за секој пензионер за сите овие повеќе од 350.000 пензионери 7 000 денари – рече Мицкоски.

Тој направи споредба колкав бил приходот на двајца пензионери во времето на СДСМ и сега.

-Замислете повеќе од 150.000 пензионери имаа пензија којашто во тоа време беше под 15.000 денари 2 пензионери во семејството добиваа вкупна пензија од 30.000 денари. Сега двајца пензионери во семејството ќе добиваат вкупна пензија од 44.000 денари. Ако 14.000 денари во семејство за двајца пензионери на значи ништо за Венко Филипче и за неговиот гуру Зоран Заев, тогаш за нашите пензионери тоа значи многу и го олеснува животот – рече Мицкоски.

 

Тој додаде дека зголемувањето на пензиите за Филипче не значи ништо затоа што нивните јахти и хациенди вредат милиони.

– За нив 14.000 денари можеби не значат ништо затоа што нивните јахти, нивните хациенди на Халкидики и во Дубаи вредат милиони, десетици милиони евра, па, на тој начин тие се потсмеваат со маката на македонскиот народ којшто го осиромашуваа и кој го пустошеа седум години. Овој човек вели дека е континуитет на владата на СДС и ДУИ кои седум го доведе македонскиот народ и граѓаните на питачки стап – рече Мицкоски.

Да се потсетиме, рече тој, и „на националните предавства и распродажбата на Македонија“.

– На капитулантскиот договор со нашиот источен сосед, да се потсетиме за она што тие го нарекуваат француски предлог а ние бугарски диктат. 15 пресуди од судот во Стразбур стојат во некоја фиока фаќаат прашина и немаат абер ниту една од нив да имплементираат, а овие наши мислејќи дека на тој начин ќе останат уште долго на власт влегоа во тој аранжман не водејќи сметка за Македонците од другата страна на границата. Денес ќе го слушнете Венко како се прпелка на отворена сцена и ќе ви зборува за резолуција со црвени линии. Па ќе зборува за себе дека бил некаков патриот. Зарем некој овде верува дека во СДСМ има нешто патриотско. Зарем некој верува во овие шарени лаги. Затоа е важно на 19 октомври да заокружиме девет за да победи Македонија – рече Мицкоски.

Тој е убеден дека  граѓаните во голем број ќе ја дадат довербата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и ќе гласаат за бројот 9 за да продолжи Македонија да се развива и гради.

Поврзани содржини