Филипче до Зибери: Тоа што сте во изборна кампања, не Ви дава за право да ја поткопувате работата на Комисијата
Директоре Зибери, тоа што сте во изборна кампања не ви дава за право да изнесувате невистини и да ја поткопувате работата и одлуките на Комисијата за заразни болести. Четири месеци градиме доверба и работиме транспарентно. Во ниеден момент не донесовме политички мотивирани одлуки и ова вие добро го знаете. Вашата изјава е неточна, штетна и пред сѐ неколегијална, што исклучително ме загрижува – му одговори на Фејсбук министерот за здравство, Венко Филипче, на директорот на Центарот за јавно здравје -Скопје, д-р Арбен Зибери.
Филипче додава:
Моја должност како министер меѓу другото е да го штитам угледот на колегите од комисијата и нивните стручни одлуки. Верувам дека разбирате каква штета нанесувате во овие чувствителни моменти кога заеднички се бориме за иста цел. Го ценам придонесот на сите кои се борат со епидемијата, вклучително и вашиот, но нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемијата.
Откако министерот денеска најави дека ќе го разреши, по објавите на д-р Зибери на Фејсбук дека издејствувал отварање на границите без тестови, а за да можат Албанците од дијаспората да гласаат, а тоа, како што објави тој, е и благодарение на придонесот на ДУИ во здравствените политики на Владата, д-р Зибери изјави „ министерот Филипче да престане да ја злоупотребува владината говорница за изборни препукувања. Јас сум кандидат за пратеник и имам право на мојот приватен фејсбук профил да имам и политички ставови, притоа во ниту еден момент не злоупотребувајќи ја институцијата која ја водам, како што, за жал, прави министерот“.