Филипче: Децата од прво до трето одделение ќе одат на училиште, но во различно време ќе ја почнуваат наставата
Препораката е да не се излегува од училниците за време на одморите и овие три одделенија кои ќе почнат, односно прво, второ и трето одделение да почнуваат во различно време со временска дистанца од 10 минути за да не се сретнуваат на влезот, ниту, пак, на крајот на часовите, истакна Филипче.
Препораката е во новата учебна година само децата од прво до трето одделение физички да присуствуваат во училиштата, а за време на одморите да не излегуваат од училниците, туку со настава да почнат со временска дистанца од 10 минути, рече министерот за здравство, Венко Филипче, во гостувањето на Сител.
Тој посочи дека изготвените протоколи се базираат на истите принципи на превенција од коронавирусот, а тоа е носењето заштитна маска на лицето, седењето на дистанца и задолжително миење и дезинфицирање на рацете.
– Има многу барања и размислувања и многу дилеми, следиме и гледаме многу искуства од многу земји во светот, но ние одлучивме и тоа само така може да биде, приоритет ќе биде заштита на здравјето на граѓаните. Препораката е да не се излегува од училниците за време на одморите и овие три одделенија кои ќе почнат, односно прво, второ и трето одделение да почнуваат во различно време со временска дистанца од 10 минути за да не се сретнуваат на влезот, ниту, пак, на крајот на часовите. Сакаме да ги избегнеме оние лоши сценарија кои ги видовме во земјите кои ги отворија целосно училиштата – рече Филипче.