Филипче: Далеку сме од колективен имунитет, ако се соочиме со нов бран, ќе има рестрикции од септември

Граѓаните треба да се свесни, дека ако не се вакцинираат, може да завршат во болница и да бидат со тешки компликации, порача министерот за здравство.

377

Mинистерот за здравство Венко Филипче вели дека висок процент од заразените од ковид-19 се невакцинирани, а се уште сме далеку од колективен имунитет за кој е потребно да се вакинираат 80 отсто од граѓаните.

Тој уште еднаш порача до граѓаните да се вакцинираат, за да не се стават, како што рече во незгодна ситуација во моментот кога ќе дојдат во контакт со вирусот. Овие пораки Филипче ги испрати по денешниот увид на реновираното крило на Клиниката за ортопедија на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување.






– Треба граѓаните да се свесни, дека ако не се вакцинираат, може да завршат во болница и да бидат со тешки компликации. Ако се соочиме со нов бран, ќе има рестрикции од септември. Не можеме да страдаме, ако некој не се вакцинира – рече Филипче.

Тој додаде дека ќе продолжи и теренската вакцинација се со цел да се зголеми бројот на вакцинирани на целата територија на земјата. Досега се вакцинирани околу 450.000 граѓани, а ревакцинирани околу 270.000.

– Ние бевме свесни дека во еден момент ќе се соочиме со антиваксинална кампања. Исто како што се соочивме пред две години кога беше актуелна пандемијата со морбили. Тогаш како инструмент ја имавме на располагање вакцинацијата и веднаш интервениравме и се сузби епидемијата, за нецели шест месеци значајно се зголеми опфатот на вакцинација. Тогаш воведовме забрана децата да се примаат невакцинирани во градинки и во училишта – изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.

И тоа, како што рече, треба да е еден знак и показател што значи и какво моќно оружје е вакцината во борба против пандемијата.

Министерот Филипче информира дека ги следат трендовите насекаде во регионот и додаде дека некоја голема разлика во опфатот со вакцинација нема.

– Најголем опфат има во поголемите градовите, 30-тина отсто во Скопје, 40 отсто во Битола и во Охрид, во другите градови помалку. На пример во Куманово 30 отсто. Тоа е една детална табела што денеска ќе ја споделиме – рече Филипче.

Министерот најави дека ќе продолжат да го одржат системот со вакцинација вака активен како што е сега: сите пунктови за вакцинација да се отворени, граѓаните се пријавуваат без термин, никој да не се врати и нагласи дека вакцини има сосема доволно.

Тој соопшти дека теренската вакцинација ќе оди по систем на ротација. Тоа значи ако некое место е поминато, кога ќе се поминат сите други места околу тој здравствен дом, ќе се повтори циклусот.

– Отворени се вакциналните пунктови за деца. Околу 1 800 деца се пријавени, а околу 500 веќе се вакцинирани. Меѓутоа сето тоа не е процент што може да не заштити од нов бран. Граѓаните треба да се свесни дека ако не се вакцинираат има сериозно голема шанса да заболат од болест предизвикана од вирус кој многу веројатно ќе ги смести во болница и многу веројатно има голема шанса да имаат компликации. А, го имаат овој механизам, инструмент да се вакцинираат и да се заштитат – вели Филипче.

 

 

Поврзани содржини