ФИЛИПЧЕ БАРАШЕ ОДГОВОР, А МУЦУНСКИ ГО ДАДЕ Македонија нема да прифаќа мигранти од Британија, тоа се лаги, рече министерот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, категорично ја отфрли шпекулацијата дека Владата или Министерството разговарале со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти, реагирајќи на изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево преку објава на својот Фејсбук профил посочи дека во целост ја отфрла дезинформацијата дека Владата или Министерството разговарале или склучиле било каков договор со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го повика министерот Муцунски најдоцна до утре да ја информира јавноста дали се разговара со Велика Британија за лоцирање на мигранти во нашата земја. Филипче ова го кажа коментирајќи го објавениот текст во „Политико“, дека Британија е сè поблиску до договор за отворање центар за враќање мигранти во една земја од Западен Балкан.
– Во целост ја отфрлам дезинформацијата дека Владата или Министерството за надворешни работи и надворешна трговија разговарале или склучиле било каков договор со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти. Такво нешто не постои – ниту како иницијатива, ниту како политичка намера – изјави Муцунски.
Министерот нагласи дека ваквите шпекулации се неосновани, штетни и служат исклучиво за дневнополитички поени.
– Наместо ширење лажни вести, очекуваме сите политички чинители да се држат до фактите и да покажат минимум одговорност. Ваквите изјави, за жал, се израз и на целосно непознавање на состојбите и на тековните дипломатски ангажмани на државата. Со Обединетото Кралство имаме стратешко партнерство засновано на заемна доверба, политичка, економска и безбедносна соработка, а не на шпекулации и сензационализам – порача Муцунски во својата објава.
Од друга страна, Филипче побара од министерот да објасни дали се водат какви било разговори со Велика Британија, поврзани со мигранти или со финансиски договори.
– Министерот Тимчо Муцунски треба да каже дали разговара за тоа мигранти да се носат во нашата земја. Треба да каже има ли тоа некаква врска со тој пакет со заемот од седум милијарди евра? Има ли некаква врска? Условена ли е Владата за тие пари, да го направи тоа? – рече Филипче.
Муцунски засега не најави дополнителна прес-конференција, но неговата реакција беше јасна: Македонија нема никакви разговори со Британија за мигрантски центри.