ФИЛИПЧЕ БАРА НАТПАРТИСКИ ДОГОВОР ЗА СТРАТЕШКИТЕ ЦЕЛИ НА ДРЖАВАТА Лидерот на СДСМ упати повик до сите парламентарни партии
Филипче упати јавен повик до сите парламентарни партии, барајќи од нив да седнат на заедничка стратешка средба на која ќе ги дефинираат долгорочните правци на државата, зад кои сите ќе застанат без разлика која партија е на власт.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа ја повика Владата да работи на темелна реформа на Кривичниот законик во согласност со европските стандарди.
– Апелирам до Владата сериозно да поработи на новиот Кривичен законик, кој се работи со претставници од ЕУ и кој треба да биде усогласен со германското законодавство. Овој закон треба да биде донесен врз основа на препораките на оценската мисија на ЕУ. Сметам дека било која реформа треба да се носи согласно европските стандарди, а не преку привремени решенија кои немаат ефект – нагласи тој.
Филипче упати јавен повик до сите парламентарни партии, барајќи од нив да седнат на заедничка стратешка средба на која ќе ги дефинираат долгорочните правци на државата, зад кои сите ќе застанат без разлика која партија е на власт.
– Ги повикувам сите партии да седнеме во Собранието и заеднички да ги дефинираме стратешките цели на државата. Треба да создадеме национален консензус за реформите, за утре, без разлика која партија е на власт, никој да не може да отстапи од тој план – истакна Филипче.
Тој рече дека САД се најголемиот стратешки партнер на Македонија и дека нивната поддршка низ годините била клучна во сите значајни одлуки за државата.
– САД се наш докажан, најдобар и најголем стратешки партнер. Доколку го гледате изминатиот период наназад со децении, тие биле клучен фактор во донесувањето на сите одлуки што биле во корист на државата и граѓаните. Во претходниот мандат на претседателот Трамп беше потпишан Преспанскиот договор и тогаш беа вклучени дипломати од САД, од наша страна и од страна на Грција. Искрено се надевам дека и сега може да сметаме на таа традиционална соработка и поддршка. Имаме потпишано повеќе договори за стратешка соработка и партнерство, и тука Владата може да најде конкретен начин за вклучување на САД во процесот на евроинтеграциите. Еден од предлозите е токму преку рамките на стратешкиот дијалог да се најде форма во која САД конкретно би ни помогнале во делот на преговорите или во откочувањето на процесот – посочи Филипче.