ФИЛИПЧЕ ЈА ОДОБРИЛ СПЕЦИФИКАЦИЈАТА ЗА МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО БЕЗ ЕЛАБОРАТ ЗА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА Зошто го штитат правосудните органи?
Граѓаните имаат право да знаат зошто била дозволена изградба на болница со минимални стандарди и дали профитот бил ставен пред безбедноста, очекуваме Јавното обвинителство да го расчисти случајот, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составил, ја потпошал и ја одобрил техничката спецификација за модуларната болница во Тетово без соодветен елаборат за електрична енергија и без целосно почитување на безбедносните стандарди, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
„Дополнително, Светска банка одобрила 30 милиони евра за изградба на модуларните болници, додека реалната цена по која биле изградени објектите била значително пониска и изнесувала околу 300.000 евра. Јавноста има право да знае каде завршиле парите и зошто профитот бил поважен од безбедноста на граѓаните“, се вели во соопштението.
Во здравството, се додава, не смеело да се дозволуваат калкулации и импровизации за остварување личен профит.
„Според јавно изнесените тврдења на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, во обвинението биле опфатени само медицинскиот и економскиот директор на тетовската болница. Филипче бил надлежен за техничката документација. Се поставува прашањето зошто бил заштитен од правосудните органи. Граѓаните имаат право да знаат зошто била дозволена изградба на болница со минимални стандарди и дали профитот бил ставен пред безбедноста“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Очекуваме Јавното обвинителство, согласно законите и доказите, целосно, темелно и неселективно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово, додава партијата.