ФИЛИПЧЕ ЈА ОБВИНИ ВЛАСТА ДЕКА ВОДИ НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА БЕЗ КОМПАС Лидерот на СДСМ доби совет да си ги отпушти советниците кои го насамариле
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини Владата за хаотични и импровизирани одлуки во надворешната политика, особено во врска со неодамнешното гласање за резолуциите за Украина во ОН. ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираше, обвинувајќи го Филипче за манипулации и незнаење, тврдејќи дека Македонија и САД гласале унисоно.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција изјави дека последното гласање за резолуциите за Украина во ОН јасно покажало дека македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешно политички приоритети.
– Со овие хаотични и навистина неразбирливи одлуки Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Дополнително Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано. Прв пат една македонска влада што конспонзорира резолуција потоа не гласа за истата – рече Филипче.
Филипче смета дека за двете резолуции во ОН требало да се гласа „за“, бидејќи тие не се косат една со друга туку се надополнуваат.
Тој го поздрави продлабочувањето на стратешкото партнерство со САД, но побара одговори од Владата која е целта за оваа поддршка на новата администрација на САД, што побарала Владата и што очекува од тоа.
Го повтори ставот на СДСМ за европската иднина на земјата. Филипче на прес-конференцијата од Владата побара одговор дали навистина парите од унгарскиот кредит се потрошени или се трошат.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираа и му порачаа на лидерот на СДСМ да престане да се брука.
„Аман Венко, не се брукај, те насанкаа советниците, или свесно манипулираш, не знаеш за што гласала Македонија, а држиш пресови Жално е да се гледа како Венко Филипче кажува глупости и се излетува во јавноста со погрешни изјави и заклучоци. Под итно да ги отпушти советниците кои денеска го натераа да зборува невистини, а доколку тоа не го направи јасно е дека тој свесно и отворено манипулира. Венко не знае како и зошто гласала Македонија во Обединетите нации а држи прес конференции за тоа. Во еден момент Филипче вели цитираме ‘Македонија прифати да бидеме конспознори на американската резолуција, а потоа беше воздржана, прв пат влада која конспозорира потоа не гласа за резолуцијатa’. Она што Филипче не го знае и што е единствена вистина е дека Македонија и САД гласаа унисоно. Односно исто како и САД, Македонија гласаше воздржано за резолуцијата откако претходно беа прифатени амндмани кои не беа на линиција со резолуцијата која беше коспонзорирана и произведена од нашиот стратешки партнер САД. Терминот кој го користи Венко Филипче на прес-конференцијата дека Македонија скршнува од ‘eвропската надворешна стратегија’, ако неговите советници не знаат, тогаш јавноста мора да знае дека таков термин и таква стратегија воопшто не постои во надворешната политика. Прес конференциите на Венко Филипче освен што се аматерски, и служат за засмејување, тие во основа се манипулативни и погрешни. Аман Венко не се брукај, себе и партијата. За советниците веќе знаеме какви ти се“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.