ФИЛИПЧЕ ЈА КРИЕЛ СВОЈАТА ФИРМА ЗА ДА НЕ ЈА ПОВРЗАТ СО БИЗНИСОТ НА ЗАЕВ? Во „Медикал 420 БГ“ беа најдени наркотици вредни 800.000 евра, обвини Митева
Венко Филипче е должен да одговори, дали ја сокрил фирмата во Бугарија од анкетниот лист, за да не се доведе во поврзаност со „Медикал 420“ од која исчезнуваше марихуана, „фатена во меѓународна акција за за сузбивање на трговија со наркотици?, вели Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче не ја пријавил својата фирма на адресата во Петрич во Бугарија бидејќи на истата адреса биле пријавени неколку фирми на Заеви, меѓу кои и „Медикал 420 БГ“, во чија подружница во Битола во 2022 година биле пронајдени наркотици во вредност од 800.000 илјади евра, обвини Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција.
Таа изјави:
– Улица Гоце Делчев 12, Петрич е адресата околу која се вртат милионите на Заеви и Филипче. Ова е адресата која Венко Филипче сакал да ја сокрие од јавноста кога не ја пријавил својата фирма основана во Бугарија. Имено на адресата на која е регистрирана фирмата на Венко Филипче во Бугарија, е адресата на која претходно се регистрирани низа фирми на Заеви, меѓу нив најпозната е „Медикал 420 БГ“.
Митева обвини дека „Медикал 420 БГ“ е фирмата во чија поддружница во Битола во 2022 година биле пронајдени наркотици во вредност од 800.000 евра, иако на истата фирма една година претходно ѝ била одземена лиценцата.
– Оваа фирма во Македонија добила лиценца за производство на марихуана од владата на Зоран Заев, кој кога се одземала нејзината лиценца се изземал од одлучување, со објаснување дека се работи за сопствен приватен интерес или интерес на блиско лице. Фирмата за која Заев потврдил дека тој или блиско лице имаат сопствен интерес е фирмата од која потекнувала и дел од марихуаната која беше запленета во акција на Агенцијата ДЕА на Плетвар. Во таа акција беше уапсен личниот шофер на Трајче Заев и полициски командир – истакна Митева.
Таа вели и дека за скандалот со фирмата имало прислушувани разговори:
– За овој скандал Албанската ТВ Ора објави дека има прислушувани разговори кои покажуваат дека високи функционери од владејачката коалиција во Македонија во тоа време директно интервенирале за да се оневозможи успешна операција против шверц со дрога преземена од странска агенција.
Според Митева, телевизијата ТВ Ора тогаш објавила дека во случајот бил вмешан и Трајче Заев, братучед на поранешниот премиер Зоран Заев.
– Ова беше СДСМ и како тие владееја. Ова СДСМ сега уште е водено од истите луѓе, истиот близок круг и фирми кои се наоѓаат на иста адреса. Венко Филипче е должен да одговори, дали ја сокрил фирмата во Бугарија од анкетниот лист, за да не се доведе во поврзаност со „Медикал 420“ од која исчезнуваше марихуана, фатена во меѓународна акција за за сузбивање на трговија со наркотици? – обвини Митева.