Околу 30. 000 граѓани ја пополниле апликацијата на веб-страницата „Vakcinacija.mk“ за искажување заинтересираност за вакцинација против Ковид-19. Ова вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 го истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека 20 отсто од дијагностицираните случаи во изминатите денови имаат британска мутација на вирусот.
Филипче рече дека засега нема потреба од нови дополнителни рестриктивни мерки.
– Шеесет до седумдесет отсто вакцинирано население може да ја смени сликата на пандемијата. Секаде во светот, во навистина многу малку земји со исклучоци, вакцините не пристигнуваат ниту со посакуваната, ниту со потребната брзина. Сепак станува збор за еден нов продукт, за почеток на производство. Буквално сите земји се соочуваат со истиот проблем и со истиот предизвик – потенцира Филипче.
Тој најави дека следната недела ќе биде потпишан драфт договор со компанијата „Фајзер“.
– Во овој момент завршуваме еден проект кој е финансиран од ЕУ, а тоа е за поврзување со Грција на електронските досиеја на нашите граѓани. Проектот требаше да заврши во јуни лани, го одложивме за јуни годинава. Електронското досие на нашите граѓани кои ќе патуваат доколку им треба здравствена услуга во Грција ќе биде на располагање и обратно на грчките граѓани тука кај нас. Еден одличен проект кој без оваа административна работа, која ја имаат и докторите во Грција нема да биде возможен. Така се гради електронското досие, тоа е суштината на електронското здравство – додаде Филипче.