Фетаи со завршни зборови за „Монструм“: Децата не биле убиени на друга локација, шпекулација е дека жртвите имале нерасчистени сметки со деца на функционери
Ако ги погледнете доказите најдени на местото на настанот, тогаш ќе забележите дека петкратното убиство се случило токму на местото каде што беа пронајдени телата, а сè друго е научна фантастика, рече обвинителката Фатиме Фетаи.
Судењето за случајот „Монструм“ влезе во својата завршница, а обвинителката Фатиме Фетаи денеска ги започна завршните зборови. Таа рече дека најпрво мора да се побијат сите теории кои ги наметнувала одбраната, а кои се поврзуваат со петкратното убиство кај Смилковското Езеро во 2012 година.
Таа потврди дека четирите момчиња и рибарот се убиени кај Смилковското Езеро, а не на друго место.
– Ако ги погледнете доказите најдени на местото на настанот, тогаш ќе забележите дека петкратното убиство се случило токму на местото каде што беа пронајдени телата, а сè друго е научна фантастика. Исто така, треба да се побие и шпекулацијата дека жртвите наводно се познавале со синот и со ќерката на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски. Се шпекулираше дека имале честа дружба и дека поради тоа биле убиени. Но, до овој момент не беше приложен доказ, ниту имаше индиции дека убиените деца се познавале со деца на функционери и дека наводно имале нерасчистени сметки – рече Фетаи.
Таа додаде дека обидот на одбраната за поврзување на случајот со структури на МВР е целосно неочна теза.
– Обидот на одбраната за поврзување на возилото „опел омега“ и целата операција со структури на МВР, е целосно неточна теза и од правно-фактички и од правно логички-аспект – изјави денеска обвинителката.
Според Фетаи, ваквите обиди целосно паѓаат со исказите на сведоците и изнесените докази во текот на постапката.
За тоа наводите дека претходно во постапката не им бил дозволен увид во возилото, Фетаи рече дека е дозволен и извршен увид во предметното возило.
– Во текот на оваа постапка, во присуство на судечки совет и записничар и медиуми во депото на Агенцијата за управување со одземен имот во Миладиновци е извршен увид и фотографирање на предметното возило Опел Омега. Возилото има и задни седишта со потпирачи за глава и блатобрани на сите четири пневматици – изјави Феати.
Дека Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ се извршители на убиствата, рече Фетаи, има докази и во текот на оваа постапка се изведени повеќе докази и искази на сведоци кои го потврдуваат ова.
– Во однос на оружјето, може да се заклучи од доказие дека се користени три автоматски пушки. Сепак, тоа што не се знае кој со кое оружје пукал, или не пукал, не е пречка за утврдување на нивната одговорност со оглед дека се работи за соизвршителство – изјави Фетаи.
За обвинетиот Хаки Азири, нагласи Фетаи, постојат докази од моментот кога дознава за делото што го сториле Африм и Агим Исмаиловиќ.
– За потсетување, Хаки Азири има дадено повеќе искази во текот на постапката. Во своите искази самиот се самопотоварува и го посчува моментот кога токму во неговата кола на обиколницата влегле обвинетите за да го однесе дома. На исто ниво, е и исказот и деталите за неговите и дејствијата на другите – изјави Фетаи.
Завршните зборови на обвинителството за судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, во Основниот кривичен суд во Скопје продолжуваат по пауза од половина час.