ФЕРАТИ СТАНАЛ ДИРЕКТОР НА ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОРАТ БЕЗ ДА ГИ ИСПОЛНИ УСЛОВИТЕ Јаневска ги повика МВР и Обвинителство да поднесат кривична
На местото директор на Државниот просветен инспекторат е поставена личност која по закон не ги исполнува условите, изјави денеска Весна Јаневска, претседателка на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа ги повика МВР и Јавниот обвинител да постапат по закон и да поднесат кривична пријава за злоупотреба на службена должност по членот 353 од Кривичниот законик на цела Влада (член 5 став 1 од истиот закон).
– Директорот на Државниот просветен инспекторат Халит Ферати дипломирал на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово на студиска програма Труд и социјална политика и магистрирал на тема „Државниот инспекторат за администрација на Република Македонија“. Од насловот на темата не може да се заклучи за истражувањето, но тоа е работа на менторот и рецензенската комисија, ние зборуваме за друго. Во својата биографија директорот на Државниот просветен инспекторат додал дека има работно искуство од 2012-2021 година во Секретаријат за спроведување на Рамковен договор, од 2021-2023 во Служба за општи и заеднички работи на Владата, и во 2023 година е именуван за директор на Државниот просветен инспекторат – објасни Јаневска.
Таа го цитира членот 5 став 2 од Законот за просветна инспекција, според кој: „За директор на Државниот просветен инспекторат може да биде именувано лице кое има високо образование, што има, и најмалку пет години педагошко работно искуство во воспитанието и образованието.“
– Потенцирам 5 години педагошко работно искуство во воспитание и образование. Директорот Халит Ферати нема 5 години педагошко работно искуство во образование и воспитание. Директорот на Државниот просветен инспекторат кој треба да ги надгледува и корегира процесите во образованието противправно е именуван за директор на важна државна институција. Веројатно баш затоа во моментот создава хаос и води хајка против некои од најдобрите инспектори во инспекторатот – рече Јаневска.