ФЕКАЛИИТЕ НА ТУРИСТИТЕ ГИ ЧУВАМЕ ВО КОФИ Како се чува светското наследство во Јапонија?

Jапонскиот архитект Јамасаки Масафуми предлага наместо во Охрид, да се носат туристи и на другите езера, во градовите околу Преспанското Езеро, каде, како што вели, може да се изградат нови згради со историски форми и да се поканат туристите.

1,908

Доколку побрзаме со исполнување на условите кои ги постави УНЕСКО за зачувување на статусот светско наследство, ќе успееме во тоа. Градењето околу Охридското Езеро треба да биде строго регулирано со урбанистичко планирање. Хотелите кои работат со туристи треба да се усогласат со градот или во спротивно треба да разберат дека ќе мора да се откажат од статусот светско наследство, истакна во интервјуто за МИА јапонскиот архитект Јамасаки Масафуми.

Масафуми е почесен професор на Универзитетот „Рицумејкан“, член на Институтот за градско планирање на Јапонија и член на Јапонскиот комитет на ИКОМОС.






Тој е роден во 1947 година во Кјото. Дипломирал на Универзитетот во Кјото (Оддел за архитектура, инженерски факултет) во 1971 година. Магистрирал и докторирал на истиот Универзитет и е лиценциран архитект од 1976 година.

Масафуми утре ќе говори на предавањето за зачувување на езерата насловено „Балансирање на зачувувањето на животната средина и регионална/туристичка промоција на Охридското Езеро преку соодветно управување со локалитетите на светското наследство“, организирано од амбасадите на Јапонија во Скопје и во Тирана заедно со ЏАЈКА Алумни – Мак-Јамс.

Ситуацијата е различна за секоја локација која е прогласена за светско културно наследство. Каков е случајот со Охридското Езеро? Одлучноста на локалното население е многу важна. Важно е да се промовира туризмот, но доколку се работи само на тоа поле, ќе дојде до уназадување. Управувањето со локалитетите кои се прогласени за светско наследство и зачувувањето на животната средина можеби се можни самостојно, но со такво постапување ќе биде тешко да се добие поддршка од населението – вели тој.

Охридското Езеро привремено ја избегна опасноста да биде ставено на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО. Даден е рок од две години земјава да ги исполни сите барања поставени од УНЕСКО, но потребни се кадри, средства и многу работа. Дали сметате дека за тој период можат да се искоренат сите проблеми и кои се клучните чекори кои треба да се направат на тој пат?

– Јас сум експерт за зачувување на културно наследство и не знам дали е можно земјата да ги исполни барањата на УНЕСКО за две години. Зарем Охридското Езеро не е светско наследство? Исто така, важно е да се зачува историскиот центар на градот околу Езерото. Мислам дека тоа може да биде сработено за две години, доколку побрзате. Околу зачувувањето на природата околу Охридското Езеро, изгледа невозможно да се изградат уште куќи и хотели со цел да се сместат повеќе туристи. Тоа би требало строго да се регулира со урбанистичкото планирање. Јас не сум запознаен со вашата земја. Тешко би било да се соедини разбирањето и однесувањето на жителите во градот. Прашањето е во колкава мера вие го правите тоа.

И покрај тоа што веќе се поминати неколку месеци од дадениот рок и делумно се спроведени дел од барањата, навидум нема голем напредок за Охрид и Охридскиот регион да го зачува својот статус „светско наследство“ на УНЕСКО. Кои се вашите препораки? Каде се греши и на што најмногу треба да се посвети внимание?

– Не сум сигурен што може да се направи. Важна е политиката за зачувување на историскиот град, особено во однос на урбанистичкото планирање. Секако важни се и намерите на експертите за културно наследство. Сметам дека е важно да се преземе предизвикот за зачувување на културното наследство. Што се однесува до градовите, важно е да се сочува пејзажот. Потребен ви е детален систем за регулација и контрола на боите и дизајнот.

Покрај другите проблеми во Охридското Езеро се испушаат фекалии и се исфрла ѓубре. Особено во летниот период кога во градот има голем број на туристи. Како може да се реши тој проблем? Дали можете да ми дадете пример за слично искуство?

– Треба да се подобри капацитетот на прочистителните станици. Ако нема доволен третман на отпадните води, тоа претставува проблем. Во Јапонија е правило да нема корпи за отпад по улиците и туристите го носат отпадот дома со себе. На местата каде што се продава храна има корпи за отпадоци или вендинг машини во кои се собира само отпадот што е создаден таму. Предлагам градот или државата да работи на подигање на свеста кај посетителите во тој правец, како што направивме ние во Јапонија. Ако не го направите тоа, тогаш градот ќе мора да вработи повеќе работници во комунална хигиена што ќе се грижат за собирање на отпадот.

Дивоградбите со години се горлив проблем во тој регион и покрај интензивното рушење, сѐ уште постојат. Од друга страна давателите на туристички услуги сметаат дека со рушењето на дивоградбите кои претставаат туристичка атракција во тој регион се нарушува туристичката понуда, а и на нив им се уништуваат бизнисите. Како да се најде баланс и тамошните градби да бидат привлечни за туристите, а при тоа да се зачува животната средина?

– Хотелите кои работат со туристи треба да се усогласат со градот или во спротивно треба да разберат дека ќе мора да се откажат од статусот светско наследство. Или е едното, или е другото. Дури и да не се градат хотели и дали имате само дневни туристи можете да го зголемите бројот на туристи. Но, со ветување дека ќе нема отпад. Кога размислувам за туризам во регионот, можат да се носат туристи и на другите езера, во градовите околу Преспанското Езеро. Таму можете да изградите нови згради со историски форми и да ги поканите туристите да дојдат таму. Мислам дека треба да размислувате за пејсажот што го бараат туристите.

Како во Јапонија е регулирано градењето покрај езерскиот брег, дали е дозволена воопшто градба на објекти долж езерата?

– Во Јапонија е вообичаено да се поставуваат услови за развој, како што е означувањето на „сценски зони“. Поставени се строги услови за градбата на зградите и се земаат предвид и други фактори. Покрај езерото Бива е забранета градба на 10 метри од брегот. Во Италија со законот „Галасо“ е забранета градба на 300 метри од езерото. Имено, за областите каде е дефинирано со претходно урбанистичко планирање има посебни исклучоци.

Како на тие места го развивате туризмот, а при тоа ја зачувувате животната средина?

– Можно е да се комбинира туризмот со одржувањето на животната средина. Во случајот со Охридското Езеро, невозможно е да се комбинира зачувувањето на животната средина со развојот на туризмот, бидејќи езерото е древна средина. Тоа е мое мислење. Ако се дозволи развивање на туризмот таму, треба да бидат поставени соодветни услови. Да се наметнат строги критериуми каде може да се гради, колкави објекти, регулирање на канализацијата, депонирањето на отпадот и слично.

Каква е состојбата со езерата во Јапонија. Колку од нив се под заштита на УНЕСКО? На кој начин се раководи со тие езера. Кои политики и практики се применуваат за да не се доведат во ризик?

– Во Јапонија немаме регистрирано такви езера. Имаме пример со Јакушима, остров кој е прогласен за светско наследство. И таму е проблем зголемениот број на туристи и одлагањето на нивните фекалии. Во моментов тие се чуваат во кофи. Треба да се изградат прочистителни станици за отстранување на фекалиите, но нема буџет за да се направи тоа. Имаше предлог да се запре доаѓањето на повеќе туристи на островот, но беше одбиен од локалното население.

Симона Митровска, МИА

Поврзани содржини