ФБИ: Се планира „голем бунт“ од вооружени групи ако се активира 25 амандман

Вооружени протести се планираат во сите 50 државни главни градови од 16 јануари до најмалку 20 јануари, а на Капитол од 17 јануари до 20 јануари, се наведува во билтенот на ФБИ

648

Вооружена група планира „голем бунт“ во Вашингтон, доколку Доналд Трамп биде отстранет со 25 амандман, јавија американски медиуми.

На истражителите им било кажано дека ако „Конгресот се обиде да го отстрани со 25 амандман, ќе се случи голем бунт“, се наведува во дневниот билтен на ФБИ, јави Еј-Би-Си Њуз.






ФБИ исто така добиле информација дека екстремистичките приврзаници на Трамп повикуваат и на „упад“ во зградите на државните, федералните и локалните власти пред инаугурацијата на Џо Бајден

– Вооружени протести се планираат во сите 50 државни главни градови од 16 јануари до најмалку 20 јануари, а на Капитол од 17 јануари до 20 јануари, се наведува во билтенот на ФБИ, јави телевизијата.

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси вели дека ќе разгледа опции за да се повика на 25 амандман за смена на претседателот Доналд Трамп пред истекот на неговиот мандат на 20 јануари, откако републиканците го блокираа првичниот обид за тоа.

Пелоси рече дека демократите, кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом, го повикуваат потпретседателот Мајк Пенс да одговори во рок од 24 часа бидејќи тоа го обврзува да го отповика Трамп по 25 амандман.

– Нашиот следен чекор ќе биде да овозможиме отповикувањето да се изврши до крај. Претседателот е закана за САД и тоа е итна работа, поради што тоа ќе биде нашата следна акција – рече Пелоси.

Демократите во Конгресот на САД денеска почнаа со втор обид за соборување на претседателот Доналд Трамп, повикувајќи на резолуција за негово отповикување поради „поттикнување бунт“ откако неговите поддржувачи упаднаа во Конгресот минатата недела, при што загинаа пет лица.

Претставничкиот дом треба да разговара за ова веќе в среда. Доколку предлогот биде изгласан, Трамп би станал единствениот претседател во американската историја, двапати отповикан од Долниот дом.

Пелоси, многу демократи и мал број републиканци сметаат дека на републиканскиот претседател не треба да му се дозволи да го отслужи својот мандат, што завршува на 20 јануари.

– Заштитувајќи го нашиот Устав и нашата демократија, ќе дејствуваме итно, бидејќи овој претседател е директна закана за двајцата – рече Пелоси пред демократите во неделата.

Републиканците сепак, го блокираа предлогот веднаш да се разгледа резолуција со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс да го активира 25 амандман за да биде сменет претседател кој веќе не е способен за функција и кој никогаш порано не бил користен.

Поврзани содржини