ФБИ ГО ПРЕТРЕСУВА ДОМОТ НА ПОРАНЕШНИОТ СОВЕТНИК НА ТРАМП Кој е Џон Болтон и зошто влезе во жесток судир со американскиот претседател?

Шефот на ФБИ, Кеш Пател, кој во книга од 2023 година го означи Болтон како дел од „Длабоката држава“, на социјалната мрежа Икс порача дека „никој не е над законот“ и дека агентите се на мисија. Обвинителката Пам Бонди ја пренесе неговата порака, нагласувајќи дека безбедноста на Америка не се доведува во прашање и дека правдата секогаш ќе биде спроведена.

591

ФБИ го претресува домот во Мериленд на Џон Болтон, кој служеше во првата администрација на претседателот Доналд Трамп како советник за национална безбедност, но подоцна стана негов критичар, како дел од истрага за ракување со доверливи информации, изјави во петокот извор запознаен со случајот, објави Асошиејтед прес.

Болтон не е приведен и не е обвинет за никакво кривично дело, додало лицето кое не било овластено да зборува за истрагата по име и зборувало за Асошиејтед прес под услов на анонимност.






Пораките оставени кај портпаролот на Болтон и кај Белата куќа не биле веднаш вратени. Адвокат, кој претходно го застапувал Болтон, немал коментар. Ниту Министерството за правда немало коментар, но негови претставници индиректно се повикале на претресот на домот на Болтон преку серија објави на социјалните мрежи во петокот наутро.

Директорот на ФБИ, Кеш Пател, кој во книга објавена во 2023 година го вклучи Болтон на списокот на „членови на извршната власт на Длабоката држава“, објави на социјалната мрежа Икс: „Никој не е над законот… агентите на ФБИ се на мисија“.

Американската обвинителка Пам Бонди ја сподели неговата објава, додавајќи: „Безбедноста на Америка не е предмет на преговарање. Правдата ќе биде спроведена. Секогаш“.

Трамп ги испитува активностите на повеќе луѓе

Претресот на домот на Болтон доаѓа во време кога администрацијата на Трамп презема чекори за испитување на активностите на други лица што ги смета за противници на републиканскиот претседател. Меѓу нив е и одобрување истрага со голема порота за потеклото на истрагата за Трамп и за Русија. Службениците спроведуваат и истраги за измами со хипотеки против демократскиот сенатор Адам Шиф од Калифорнија и против државната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс, која поднесе граѓанска тужба за измама против Трамп и неговата компанија.

Поранешниот специјален обвинител Џек Смит, пак, се соочува со истрага од независна надзорна канцеларија. И Шиф и Џејмс преку своите адвокати жестоко ги негираа обвиненијата.

Во интервју за Еј-би-си порано овој месец, Болтон беше прашан дали е загрижен дека администрацијата на Трамп би презела мерки против него. Тој одговори дека Трамп „веќе тргнал против него“ кога му ја укинал безбедносната придружба, додавајќи:

– Мислам дека ова е претседателство на одмазда.

Болтон беше трет советник за национална безбедност на Трамп и ја извршуваше функцијата 17 месеци, судирајќи се со претседателот околу Иран, Авганистан и Северна Кореја. Тој беше под истрага во првата администрација на Трамп заради книга која ја напиша за своето време во владата, а која, според тогашните власти, открила доверливи информации. Но, Министерството за правда во 2021 година ја отфрли тужбата и ја прекина истрагата со голема порота.

Адвокатите на Болтон рекоа дека тој ја објавил книгата откако официјалeн претставник од Советот за национална безбедност на Белата куќа, со кој работел со месеци, потврдил дека ракописот повеќе не содржи доверливи информации.

На својот прв ден по враќањето на функцијата годинава, Трамп ги укина безбедносните дозволи на повеќе од педесетина поранешни разузнавачки претставници, меѓу кои и на Болтон. Тој, исто така, беше дел од групата поранешни функционери на Трамп на кои претседателот им ја укина и физичката безбедносна придружба.

„Собата каде што се случи тоа“

Во својата книга „The Room Where It Happened“ (Собата каде што се случи тоа), Болтон го прикажа Трамп како крајно неискусен во надворешната политика и како човек кој „секоја сенка ја гледа како заговор“ и кој бил „запрепастувачки необразован за тоа како да се води Белата куќа, а камоли огромната федерална влада.“

Трамп возврати нарекувајќи го Болтон „лудак кој би ја одвел земјата во Шестата светска војна“.

Биографија и закани

Болтон беше амбасадор на САД во Обединетите Нации за време на администрацијата на Џорџ В. Буш, а претходно имаше високи позиции и во администрацијата на Роналд Реган. Размислуваше да се кандидира за претседател во 2012 и во 2016 година.

Во 2022 година, еден ирански оперативец беше обвинет во заговор за атентат врз Болтон, во наводна одмазда за американскиот воздушен напад во јануари 2020 година со кој беше убиен најмоќниот ирански генерал. Тогаш Болтон веќе не беше дел од администрацијата на Трамп, но објави на Твитер:

„Се надевам дека ова е првиот чекор кон промена на режимот во Техеран“.

Поврзани содржини