Фаучи: Прераното отворање на американската економија би можело да доведе до непотребна смрт
Директорот на американскиот Национален институт за алергија и заразни болести Ентони Фаучи денеска треба да сведочи пред американскиот Сенат при што ќе предупреди на ризиците од прерано повторно отворање на економијата, велејќи дека тоа може да доведе до „непотребни страдања и смрт“, пишува „Њујорк тајмс“.
– Ако ги прескокнеме контролните точки од насоките на „Отворете ја Америка повторно“, тогаш ризикуваме опасност од појава на повеќе жаришта низ целата земја. Ова не само што ќе резултира со непотребни страдања и смрт, туку всушност ќе нè врати назад во нашите напори да се вратиме во нормала – пишува весникот цитирајќи е-меил на Фаучи.
Опасноста од обидот земјата предвреме да се отвори е главната порака што Фаучи сака да ја пренесе до Комитетот за здравство, образование, труд и пензии на Сенатот на денешниот состанок, пишува „Њујорк тајмс“.