Ентони Фаучи, директор на американскиот Национален институт за алергии и инфективни болести, смета дека САД би можеле да стекнат имунитет на стадо на коронавирусот до крајот на летото во 2021 година со успешна програма за вакцинација.
Фаучи наведува дека вакцинирањето на граѓаните кои се од високоризичните групи и на здравствените работници би можело да почне овој месец и да трае до март, додека вакцинирањето на останатата популација би можела да почне во април.
– Кога ќе дојдеме во тој стадиум тогаш можеме да ја уништиме епидемијата, како што тоа го направивме со големата сипаница, детската парализа и малите сипаници – вели Фаучи.
Тој верува дека многумина од граѓаните ќе бидат вакцинирани до крајот на летото, ако вакцината биде добро прифатена кај популацијата.