ФАТОН СЕЉАМИ ПРЕДЛОЖЕН ЗА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ Доаѓа од местото раководител во Министерство за правда

Народниот правобранител се избира за време од осум години со право на уште еден избор.

363

Собраниската Комисија за прашања на избори и именувањата денеска ја утврди одлуката Фатон Сељами да биде избран за нов Народен правобранител, на местото на Насер Зибер кој замина во пензија. Комисијата предлог-одлуката ќе ја проследи до Собранието.

17 кандидати за народен правобранител






Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски информира дека на огласот за избор на Народен правобранител биле пријавени 17 кандидати.

Пријавени биле: Илбер Руфати од Кичево, дипломиран правник и магистер по правни науки, Мухамед Ходаи од Тетово, дипломиран правник со положен правосуден испит, Аљбан Кардиу од Тетово, дипломиран правник, магистер со положен правосуден испит, Миле Арсениевски од Скопје, дипломиран правник со положен правосуден испит, Светислав Јовановски од Куманово, дипломиран правник, Фатон Сељами од Тетово, дипломиран правник, магистер по правни науки со положен правосуден и нотарски испит, Шемши Салаи, од Добри дол, Општина Врапчиште, дипломиран правник и магистер по правни науки, Фехми Стафа од Скопје, дипломиран правник со положен правосуден испит и нотарски испит, Доан Сулејмановски од Прилеп, дипломиран правник и магистер по казнено право со положен правосуден испит, Николче Петковски од Скопје, дипломиран правник специјалист по правнинауки со положен правосуден испит, Феузи Џафери од Гостивар, дипломиран правник и магистер по дипломатија, адвокат, Дритон Небиу од Скопје, дипломиран правник и магистер по човекови права и демократија, Шпенд Фидани од Добри Дол, Општина Врапчиште, дипломиран правник и магистер по казнено право со положен правосуден и нотарски испит, Фатмир Емрулау од Стрелци, Кичево, дипломиран правник со положен правосуден испит и работи како адвокат во сопствена адвокатска канцеларија, Илир Рамадани од Кичево, дипломиран правник и магистер по правни науки, Емран Исмаил, дипломиран правник и магистер по меѓународно право со положен правосуден испит и Фадил Џелили, дипломиран правник и магистер по правни науки со положен правосуден испит, работи како адвокат во сопствена адвокатска канцеларија.

Сељами завршил Правен факултет во Универзитетот во Тетово 

Беким Ќоку, пратеник од Коалицијата Вреди го предложи Фатон Сељами за кандидат за Народен правобранител. Ќоку истакна дека Сељами е од Тетово, оженет и татко на три деца.

Тој посочи дека Сељами има завршено Правен факултет во Универзитетот во Тетово и постдипломски студии во Универзитетот на Југоисточна Европа. Имал долго работно искуство во областа на одбрана и промовирање на човековите права. Работел во Агенцијата за информации, до 2008 работел во Комисијата за заштита на правата за слободен пристап на информации од јавен карактер. Од октомври 2008 година бил вработен во канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје.

Во 2018 бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда и од 2020 бил вработен во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 година работел како раководител на одделение за политички систем во Министерството за правда. Ќоку нагласи дека Сељами ги исполнува сите услови и критериуми кои се поврзани со оваа функција и побара поддршка да се изгласа неговиот предлог.

Зибери исполни услови за старосна пензија

Сајкоски нагласи дека Собранието не било известено дека Народниот правобранител исполнува услови за старосна пензија и затоа веднаш по добивањето на информацијата дека му истекува мандатот врз основа на пензионирање ги вложиле сите напори за да се отпочне постапка за избор на Народниот правобранител.

Досегашниот Народен правобранител Насер Зибери на 12 јули 2025 година исполни услови за старосна пензија. Собранието на седницата одржана на 10 јули 2025 година донесе одлука за распишување оглас за избор на Народен правобранител, кој траел 10 дена.

Согласно член 5 од Законот за Народен правобранител, тој се избира за време од осум години со право на уште еден избор. Согласно член 9 став 1 од Законот за Народниот правобранител, функцијата Народен правобранител престанува кога тоа сам го бара, е избран или именуван на друга јавна функција или ги исполнува условите за старосна пензија.

Согласно член 6 став 1 од Законот за Народен правобранител може да биде избрано лице за народен правобранител кое ги исполнува општите услови определени со закон за основање на работен однос – да е државјанин на Република Македонија, да е дипломиран правник кој има работно искуство над 9 години на правни работи и лице чија активност е докажана во областа на заштита на правата на граѓанинот и ужива углед за вршење на функцијата Народен правобранител.

Поврзани содржини