Фатмир против Фатмир – може ли тој од ДУИ на тој од СДСМ да му одржи час по математика?
Фатмир Битиќи, се уште актуелен заменик премиер за економски прашања, покажува елементарно незнаење како се пресметуваат кумулативната инфлација и стапките на раст. Во своето пресметување на каматите Фатмир од СДСМ направил или грешка од невнимание, или можеби и манипулација. Математиката во економијата сепак е малку посложена од простите операции собирање и вадење. Тоа сигурно го разбира неговиот колега Фатмир Бесими од СДУИ.
„𝐂𝐨𝐦𝐩𝐨𝐮𝐧𝐝 𝐢𝐧𝐭𝐞𝐫𝐞𝐬𝐭 𝐢𝐬 𝐭𝐡𝐞 𝐞𝐢𝐠𝐡𝐭 𝐰𝐨𝐧𝐝𝐞𝐫 𝐨𝐟 𝐭𝐡𝐞 𝐰𝐨𝐫𝐥𝐝. 𝐇𝐞 𝐰𝐡𝐨 𝐮𝐧𝐝𝐞𝐫𝐬𝐭𝐚𝐧𝐝𝐬 𝐢𝐭, 𝐞𝐚𝐫𝐧𝐬 𝐢𝐭. 𝐇𝐞 𝐰𝐡𝐨 𝐝𝐨𝐞𝐬𝐧’𝐭, 𝐩𝐚𝐲𝐬 𝐢𝐭“. (𝐀𝐥𝐛𝐞𝐫𝐭 𝐄𝐢𝐧𝐬𝐭𝐞𝐢𝐧) „Сложениот интерес е осмото светско чудо. Тој што го разбира, го ќари. Тој што не го разбира, го плаќа“.
Ова го има кажано големиот Ајнштајн. Tој од Улм, Кралството Württemberg, денешна Германија – не оној од гостиварско Форино, Соц. РМ, денешна Nordmazedonien.
Станува збор за моќта на сложениот интерес, популарно „камата на камата”.
Веројатно вознемирен од мојата констатација дека политиките на СДСМ доведоа и водат до драстично опаѓање на вредноста на денарот, особено во изминатите две години за една четвртина (25%), господинот Фатмир Битиќи, се уште актуелен заменик премиер за економски прашања, во својот одговор на социјалната мрежа Фејсбук, пренесен и на повеќе портали, покажува елементарно непознавање од проблематиката на пресметување на стапките на раст на која било категорија со тек на време.
Тој тврди дека вкупната (кумулативна) официјална стапка на инфлација за двете години не била 25% (поточно, 24,9%), туку 23,6%. Едноставно, ги собрал двете стапки на инфлација – 14,2% во 2022 и 9,4% во 2023 година!
Претпоставувам дека се работи за грешка од невнимание. Ако не е така, се работи за манипулација, затоа што задача од ваков тип добиваат петтоделенците на општинските натпревари по математика.
Каде лежи зајакот? Да претпоставиме (секоја претпоставка е оправдано поедноставување), дека Фатмир од СДСМ, со половина од својата функционерска плата, купил од својот имењак во владата од коалициската ДУИ (Фатмир Бесими), десет „граѓански обврзници“, во износ од 100.000 денари, што му носи принос од 5% годишно. Фатмир од СДСМ, според сопствената логика, за две години ќе биде задоволен со камата од 10.000 денари, по 5.000 денари за секоја година.
Фатмир од ДУИ, пак, многу добро знае дека на Фатмир од СДСМ му следува ќар не од 10.000, туку од 10.250 денари!
Убаво рекол Алберт (ова повторно за да нема забуна за кој Ајнштајн станува збор) – тој што не ја разбира каматата на камата, ја плаќа!
Господинот Битиќи, исто така, наведува дека за последните две години реалната плата (номинална минус стапка на инфлација), наводно се зголемила за цели 10%. Тој ми порачува: “… Да биде појасно за проф. Славески, оваа влада го зголеми стандардот на нашите сограѓани за точно 10 процентни поени (sic!), што е далеку далеку повеке од 0 (нула), односно она што неговата партија и тој самиот, додека имале шанса, го направиле за граѓаните“.
Зошто граѓаните не се согласуваат дека животниот стандард во периодот декември 2021 – декември 2023 година им пораснал за 10%?
Ќе почекаме на нивниот одговор до 8 мај, но за да не останам должен, во оваа прилика ќе се обидам на коректен начин да ја искористам официјалната стастистика.
Номиналната плата во периодот 2021-2023 година се зголемила за 27,5%. Да се разбереме, станува збор за просечен раст на платите во текот на годината, а не за индекси базирани на износите во последниот месец од годината, што е коректен пристап за компарација и изведување заклучоци. Претходно се согласивме дека стапката на инфлација, мерена според индексот на трошоци на живот, во истиот период изнесувала 24,9%, што значи дека вистинскиот раст на реалната плата во овој период е 2,6%, а не 10%, како што тврди господинот Битиќи.
Во периодот 2006-2016 година, според официјално статистички показатели, просечната плата забележала номимален раст од 65,3%, а реалниот раст изнесувал 35,3%. Во периодот 2016-2023 година, пак, просечните плати номинално пораснале за 63,9%, а реално за 21,3%.
Заклучокот е очигледен. Се надевам дека е очигледен и за г-динот Фатмир Битиќи.
Од Фатмир СДС за Фатмир ДУИ, или каде отидоа 250 денари?
𝐂𝐨𝐦𝐩𝐨𝐮𝐧𝐝 𝐢𝐧𝐭𝐞𝐫𝐞𝐬𝐭 𝐢𝐬 𝐭𝐡𝐞 𝐞𝐢𝐠𝐡𝐭 𝐰𝐨𝐧𝐝𝐞𝐫 𝐨𝐟 𝐭𝐡𝐞 𝐰𝐨𝐫𝐥𝐝. 𝐇𝐞 𝐰𝐡𝐨 𝐮𝐧𝐝𝐞𝐫𝐬𝐭𝐚𝐧𝐝𝐬 𝐢𝐭, 𝐞𝐚𝐫𝐧𝐬 𝐢𝐭. 𝐇𝐞 𝐰𝐡𝐨 𝐝𝐨𝐞𝐬𝐧’𝐭, 𝐩𝐚𝐲𝐬 𝐢𝐭. (𝐀𝐥𝐛𝐞𝐫𝐭… pic.twitter.com/jwP2xubDbZ— Trajko Slaveski (@TSlaveski) February 25, 2024
(Статус на авторот на Икс, поранешен Твитер. Насловот и поднасловот се редакциски).