ФАТЕНИ 7 ПИЈАНИ КАПЕТАНИ ВО ОХРИД Езерската полиција жестоко удри, 22 прекршоци за неколку часа
Од Министерството за транспорт апелираат до сите сопственици на пловни објекти да ја завршат навремено регистрацијата, да ги почитуваат прописите за безбедна пловидба и да не управуваат под дејство на алкохол.
Министерството за транспорт и врски информира дека викендов биле спроведени зајакнати контроли на Охридското Езеро, во соработка со Капетанијата на Пристаништа Охрид, Езерската полиција и Полициската станица Охрид. Акцијата, која траела од 14:00 до 20:00 часот, била насочена кон зголемување на безбедноста на внатрешната пловидба.
Во контролата биле опфатени 13 пловни објекти и 13 физички лица. Надлежните утврдиле дури 22 прекршоци според Законот за внатрешна пловидба, за кои е изготвен и поднесен соодветен службен материјал.
Особено загрижувачки е фактот што од 16 алкотестирани лица, кај седум било утврдено присуство на алкохол. Кај двајца од нив, мерењата покажале високи концентрации – од 1,17 и 1,07 промили алкохол во крвта, што претставува сериозен ризик за безбедноста на пловидбата и патниците.
Од Министерството за транспорт апелираат до сите сопственици на пловни објекти да ја завршат навремено регистрацијата, да ги почитуваат прописите за безбедна пловидба и да не управуваат под дејство на алкохол.
„Контролите ќе продолжат и во наредниот период. Безбедноста на езерото е приоритет и нема компромис кога се работи за животите на луѓето“, се наведува во соопштението.