ФАТЕН ПИЈАН И АГРЕСИВЕН ВОЗАЧ БЕЗ ДОЗВОЛА Приведен 26-годишен велешанец по напад на полицаец
Според полицијата наместо да соработува, возачот одбил да му биде извршено алкотестирање, почнал агресивно да се однесува, удирал по полициското возило и физички нападнал еден од полициските службеници.
26-годишниот А.Д. од Велес е уапсен ноќеска откако на улицата Алексо Демниевски Бауман бил забележан како со голема брзина управува патничко возило нисан со велешки регистарски ознаки.
Според информациите од СВР Велес, инцидентот се случил во 00:35 часот на 13 мај 2025 година, кога полицијата го запрела возилото поради прекршување на сообраќајните правила. Наместо да соработува, возачот одбил да му биде извршено алкотестирање, почнал агресивно да се однесува, удирал по полициското возило и физички нападнал еден од полициските службеници.
А.Д. веднаш бил приведен во полициска станица, а од дополнителните проверки било утврдено дека управувал без возачка дозвола и со 2,07 промили алкохол во крвта.
„За случајот бил известен јавен обвинител, а против него ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик („безобѕирно управување со моторно возило“) и член 383 („напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“), како и прекршочни пријави по Законот за безбедност на патниот сообраќај“, велат од полицијата.