ФАТЕН КАМИОН СО 200 КИЛОГРАМИ МАРИХУАНА Полицијата разби нов канал за дрога

Полициските екипи од Организиран криминал и САЕ „Тигар“ блокирале три возила, меѓу кои и едно со швајцарски таблички.

770

Околу полноќ, полицијата спроведе голема акција кај Свети Николе и пресече транспорт на околу 200 килограми марихуана, дознаваат неофицијално извори блиски до истрагата.

Во акцијата учествувале полициски екипи при Бирото за јавна безбедност и МВР, составени од припадници на Одделот за организиран криминал и специјалната единица САЕ „Тигар“. Според информациите, биле блокирани три возила, едно со швајцарски регистарски таблички и две со македонски ознаки.






Неофицијално, возилото со швајцарски таблички било натоварено на македонско шлеп-возило, кое се движело со претходница, таканаречен „чистач“ на патот, со цел да се избегнат полициски контроли.

Првичните сознанија укажуваат дека станува збор за организирана криминална група која делува на територијата на Македонија и во соседните земји. Во моментов се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и за утврдување на улогата на сите инволвирани лица.

Ова е втор сериозен удар врз каналите за трговија со дрога во текот на овој месец. На почетокот на јануари, полицијата откри и заплени 10 килограми кокаин скриени во специјално изработен бункер во возило.

Од МВР засега не излегуваат со официјални детали, а повеќе информации се очекуваат по завршување на истрагата.

Поврзани содржини