Фашистички симболи наместо европски вредности
За многумина во Хрватска реафирмацијата и величањето на фашистичките симболи не претставува некаков проблем. Во Бугарија, пак, се прават усилби да се ревидира и минимизира историската улога на земјата како фашистички окупатор, учесник во хитлеровската коалиција. Сето тоа во духот на градење на „добрососедски“ односи, според европски терк.
Слики од европското секојдневие. Група деца во Хрватска кои во игра извикуваат „За дом, спремни“, озлогласен фашистички поздрав под кој беа извршени бројни злосторства. Во Хрватска, засега последна членка примена во ЕУ, тоа воопшто не е некаков изолиран случај. На неодамна одржаниот концерт на Томпсон во Загреб преку 300.000 луѓе, понесени од фанатичен национализам, го извикуваа истиот фашистичко усташки поздрав.
Европратеникот Пицула, пак, позира на мрежата X со автоматска пушка. Кому и каква порака испраќа тој од Европскиот парламент, од домот на европската демократија? Некои од најекстремните десничарски партии во Европа, како, на пример, Алтернатива за Германија, АфД, или Шведските демократи, веројатно не би се осмелиле да го направт истото и да отидат до таа крајност. Наци-фашистичката идеологија е сѐ уште тешка дамка од која голем број партии се обидуваат да се дистанцираат за да не предизвикуваат сомнежи за нивната поврзаност со мрачното наследство од европската историја.
Во големата возбуда на Томпсоновиот концерт, како што се забележува во коментар во шведскиот весник „Дагенс нихетер“, „многумина кренаа рака во знак на Хитлеровиот поздрав „зиг хајл“, ‒ подобро и од Елон Маск, ‒ а што се доживува како шок меѓу оние кои сметаат дека ја претставуваат демократска и урбана Хрватска, и кои се убедени дека минатото никогаш нема да се врати во нова форма“. Во исто време хрватската влада молчи пред силното манифеститање на национализам и фашистички симболи под површината на формален европски поредок во земја-членка на ЕУ.
Каква воспитно-едукативна функција има таквото однесување врз најмладите генерации, се разбира, не само во Хрватска, и дали таквото масовно ширење омраза и шовинизам наидуваат на некаква посериозна осуда во ЕУ, која е изградена токму врз урнатините на нацизмот и фашизмот по Втората светска војна. Многумина сметаат дека разочарува отсуството на поостри реакции од Брисел.
Неодамна презентираните резултати од истражувањето спроведено од агенцијата „Југов“ за фондацијата ТУИ покажува дека и покрај тоа што 57 отсто од младите Европејци ја поддржуваат демократијата, повеќе од кој било друг облик на власт, дури 48 отсто сметаат дека таа е загрозена во нивната земја. Истражувањето ги опфатило мислењата на 6.703 Европејци на возраст од 16 до 26 години, кои живеат во Германија, Франција, Шпанија, Италија, Грција, Полска и во Обединетото Кралство.
Резултатите покажуваат дека поддршката за демократијата е највисока кај младите Германци, со оглед на тоа што 71 отсто од испитаниците се изјасниле во корист на демократскиот систем, додека најниска е поддршката кај младите Полјаци, меѓу кои само 48 отсто го преферираат овој облик на владеење.
Вкупно 51 отсто од испитаниците се согласиле со тврдењето: „ЕУ е добра идеја, но многу лошо се спроведува“, а најголем евроскептицизам е забележан кај младите во Грција, каде што дури 63 отсто ја поддржале оваа изјава. Дополнително, 40 отсто од младите сметаат дека начинот на кој функционира ЕУ не е особено демократски.
Кога станува збор за конкретната работа на ЕУ, 53 отсто од испитаниците веруваат дека Унијата се занимава со премногу неважни прашања, наместо да се фокусира на решавање на посериозните проблеми. Меѓу приоритетите што младите ги посочиле се справување со кризата на животните трошоци, зајакнување на одбраната од надворешни закани и создавање подобри услови за водење бизнис.
Во секој случај, и покрај критиките поврзани со ефикасноста на ЕУ, мнозинството млади сепак ја поддржуваат припадноста кон Унијата – 66 отсто сметаат дека членството во ЕУ е добра работа.
Трендот на опаѓање на поддршката за демократијата всушност не е ништо ново, нагласуваат од фондацијата ТУИ, но според многу показатели може да се констатира дека тој тренд продолжува се засилува.
Во светот во моментов има повеќе автократии, 91, отколку демократии, 88, според извештајот за демократија од 2025 година, што го направи шведскиот истражувачки институт „В-Дем“ при Универзитетот во Гетеборг. Три четвртини од светската популација живее под авторитарно владеење. Но нешто помалку од половина живееле под автократија во 2004 година, покажува истиот извештај.
Зголемените социо-економски јазови придонесуваат за таквиот тренд. Оние кои чувствуваат дека се на губитничката страна имаат поголема тенденција да гласаат за партии кои ја уништуваат демократијата. Луѓето се пречувствителни кога станува збор за загриженоста пред иднината, дека состојбите може да се влошат, и во таа смисла стануваат како глутница, стадо животни што бараат силен лидер кој може да ги спаси.
Според низа веродостојни показатели, во изминатите децении се одвива континуирано изедначување на економските и социјалните услови во рамки на ЕУ, така што се чини дека се подобруваат и условите за подлабока европска интеграција на заедничкиот европски пазар за стоки, услуги, капитал и слободно движење на работна сила. Но, од друга страна, со оглед на тоа дека изедначувањето на разликите во ставовите и вреднувањата се одвива бавно, продлабочувањето на европската интеграција во областите на моралната политика веројатно ќе наиде на значителни пречки, барем во блиска иднина. Едновремено, познавачите на состојбите укажуваат дека ставовите и гледиштата се послични меѓу помладите отколку меѓу постарите Европејци, со некои исклучоци, па со текот на времето веројатно може да се очекува и постепено изедначување на вреднувањата. Иако таквиот процес и понатаму не покажува знаци на поголемо забрзување.
Во исклучоците веројатно би можеле да го сместиме и Балканот, каде што практично се засилува дезинтеграција на ЕУ, која се одвива во разни насоки и добива во интензитет. За многумина во Хрватска реафирмацијата и величањето на фашистичките симболи не претставува некаков проблем. Во Бугарија, пак, се прават усилби да се ревидира и минимизира историската улога на земјата како фашистички окупатор, учесник во хитлеровската коалиција. Сето тоа во духот на градење на „добрососедски“ односи, според европски терк.
Во Македонија на младите им се приредува простор да учествуваат во меѓунационална корида во која се постројуваат под „сопствени“ национални и (малцински) државни знамиња. Политичките партии, како и обично, во своите соопштенија се дистанцираат од таквите „непромислени“ злоупотреби и провокации.
Насекаде во земјите во регионот на Балканот младите ги градат своите ставови и вреднувања соочени со дисфункционалност на демократијата и на институциите. Интегративниот концепт на европската идеја тешко наидува на плодна почва. Младите, по сѐ изгледа, никој за ништо не ги прашува, освен во анкетите за тоа дали размислуваат да се иселат во странство.